Шефот на Светскиот економски форум поднесе оставка по откриени врски со Епстин

Претседателот на Светскиот економски форум, Бјорге Бренде, поднесе оставка по критики и објавени документи што откриваат контакти со Епстин

Претседателот на Светски економски форум (WEF), Бјорге Бренде, поднесе оставка по силни критики во јавноста поради неговите врски со осудениот финансиер Џефри Епстин. Бренде, кој повеќе од осум години ја водеше организацијата позната по годишниот самит во Давос, призна дека во периодот меѓу 2018 и 2019 година трипати вечерал со Епстин, објави британскиот весник The Guardian.

Неговото заминување следува откако форумот покрена независна истрага, а неодамна објавени документи од американското Министерство за правда откриле и постоење текстуални пораки и електронска комуникација меѓу Бренде и Епстин. Бренде, поранешен министер за надворешни работи на Норвешка, тврди дека не бил запознаен со криминалното минато на финансиерот, кој уште во 2008 година беше осуден за подведување малолетничка. Во ноември тој негираше каков било контакт, но подоцна го призна познанството откако доказите излегоа во јавноста.

Од Светски економски форум, со седиште во Женева, соопштија дека нивната истрага заклучила оти „нема дополнителни причини за загриженост освен оние што веќе биле јавно објавени“. Сепак, оставката на Бренде претставува најнов случај во низата повлекувања на влијателни личности поради поврзаност со Епстајн.

Претходно беше објавено дека Лери Самерс, поранешен министер за финансии на САД и некогашен претседател на Харвард, ќе престане со предавањата на крајот од академската година поради ревизија на документи поврзани со Епстајн. Минатата недела и милијардерот Томас Прицкер се повлече од функцијата извршен претседател на хотелскиот синџир Hyatt, признавајќи „ужасна грешка во проценката“ поради одржување контакти со Епстајн и неговата соработничка Гислејн Максвел, која во 2021 година беше осудена за улогата во регрутирање и злоупотреба на малолетни девојчиња.

Во изјавата за оставка, Бренде наведе дека по внимателно размислување одлучил да се повлече од функцијата претседател и главен извршен директор на форумот, изразувајќи благодарност за соработката со партнерите и оценувајќи дека е „вистинскиот момент организацијата да продолжи без дополнителни одвлекувања“. Копретседавачите на форумот, Андре Хофман и Лери Финк, му се заблагодарија за придонесот и нагласија дека ја почитуваат неговата одлука.

Случајот повторно ја отвори дебатата за одговорноста и транспарентноста на глобалните лидери и институции, особено кога станува збор за контакти со лица осудени за тешки кривични дела.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни