Шефот на НАТО ѝ порача на Европа: Можете да бидете среќни што Доналд Трамп е тука

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, оцени дека реизборот на Доналд Трамп е добар за Европа, бидејќи токму тој ги натерал сојузниците да ги зголемат трошоците за одбрана.

Добро е што Доналд Трамп повторно е избран за претседател на Соединетите Американски Држави, бидејќи без него европските сојузници во НАТО не би ги зголемиле издвојувањата за одбрана, изјави генералниот секретар на Алијансата, Марк Руте.

„Во моментов не сум особено популарен меѓу вас затоа што го бранам Доналд Трамп, но искрено верувам дека можете да бидете среќни што тој е тука. Тој нè натера во Европа да се раздвижиме, да се соочиме со последиците и да преземеме поголема одговорност за сопствената одбрана“, изјави Руте на панел-дискусијата „Може ли Европа да се одбрани?“ на Светскиот економски форум во Давос.

Според Руте, големите европски економии, меѓу кои Шпанија, Италија и Франција, никогаш не би се согласиле да издвојуваат 2 проценти од БДП за одбрана доколку Трамп повторно не станел претседател на САД.

„Американците мора повеќе да се насочат кон Азија“

„Нема никаква шанса – без Доналд Трамп тоа никогаш немаше да се случи. Сега сите се на 2 проценти. Апсолутно сум убеден дека без него овие одлуки немаше да бидат донесени, а тие се клучни, особено за европската и канадската страна на НАТО, за конечно да созрееме во светот по Студената војна“, нагласи Руте.

Неговата матична земја, Холандија, со која Руте раководеше како премиер од 2010 до 2024 година, често беше критикувана дека за време на неговиот мандат недоволно издвојувала средства за одбрана.

Руската целосна инвазија врз Украина во 2022 година ги принуди европските земји значително да ја зголемат одбранбената потрошувачка, но и да се подготват за можноста од намалување на американското воено присуство на континентот, во услови кога САД ги менуваат своите стратешки приоритети.

„Американците и понатаму имаат повеќе од 80.000 војници во Европа, вклучувајќи ги Полска и Германија, и силно се вклучени во европската одбрана. Но да, тие мора повеќе да се насочат кон Азија. Затоа е сосема логично од нас, Европејците, да очекуваат со текот на времето да преземеме поголем дел од товарот“, рече Руте, додавајќи дека нуклеарниот чадор останува крајна гаранција за безбедноста.

Сојузниците во НАТО минатото лето постигнаа договор за нова цел – одбранбена потрошувачка од 5 проценти од БДП до 2035 година.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни