Шефот на IEA предупредува: „Влегуваме во црн април“ – светот пред троен енергетски шок

Директорот на IEA предупредува на најголема енергетска криза досега, со нафтен, гасен и прехранбен шок, и вели дека единствено решение е повторно отворање на Ормускиот теснец.

Глобалниот енергетски систем се соочува со досега невиден троен шок – нафтен, гасен и прехранбен, предупредува директорот на Меѓународната агенција за енергија Fatih Birol во интервју за Le Figaro, оценувајќи дека светот влегува во „црн април“.

Според него, актуелниот конфликт во Персискиот Залив предизвикува сериозни нарушувања во снабдувањето со енергенси, но и со клучни суровини како ѓубрива, петрохемикалии и гасови, што го прави овој шок посилен од сите претходни енергетски кризи, вклучувајќи ги оние од 1973, 1979 и 2022 година.

Клучна точка на глобалната нестабилност останува Ормускиот теснец, низ кој поминува значаен дел од светската трговија со нафта и гас. Би рол предупредува дека неговото затворање директно го парализира глобалниот енергетски систем и создава синџир на економски последици.

Најголем удар, според него, ќе трпат земјите во развој, кои немаат доволно финансиски капацитет да се справат со растот на цените на нафтата, гасот и храната. Ова може да доведе до зголемување на инфлацијата и раст на надворешниот долг во многу држави, додека глобалниот економски раст ќе биде сериозно забавен.

IEA веќе започна координирано пуштање на стратешки нафтени резерви во Европа, Северна Америка и Азија, но Би рол нагласува дека тоа е само привремена мерка. Досега се активирани околу 400 милиони барели, најголемото ослободување во историјата – но тоа претставува само дел од глобалните резерви.

Иако се преземаат мерки за стабилизација, како намалување на потрошувачката и користење на стратешки залихи, директорот на IEA смета дека единственото вистинско решение е повторно отворање на Ормускиот теснец.

Тој предупредува дека продолжената блокада би можела да доведе до уште поголем пад на производството во земјите од Заливот, кои веќе работат со значително намалени капацитети, а дел од нив се соочуваат со сериозни инфраструктурни оштетувања.

Сепак, Би рол гледа и долгорочна трансформација на глобалниот енергетски систем. Според него, кризата ќе го забрза развојот на обновливи извори на енергија, нуклеарна енергија и електрични возила, слично како што нафтените шокови во 1970-тите доведоа до трајни промени во енергетската индустрија.

Во следните години, светот ќе се движи кон поразновиден и технолошки поефикасен енергетски систем, но краткорочно, предупредува тој, светската економија влегува во период на силна нестабилност и високи ризици.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни