„Ќе ни требаат помалку луѓе за одредени работни места кои денес постојат, и повеќе луѓе за сосема нови улоги“, напиша Џеси. Според него, користењето на AI низ сите сектори во компанијата ќе донесе зголемена ефикасност и промени во работната структура.
Amazon, кој вработува повеќе од 1.5 милиони луѓе низ светот, од кои околу 350.000 се во канцелариски улоги, веќе активно користи AI за разни задачи – од поддршка за продавачи и рекламирање, до автоматизација на секојдневните процеси. Џеси вели дека вештачката интелигенција веќе се применува во „речиси секој агол од компанијата“, и дека иднината носи агенти кои ќе ги извршуваат дури и секојдневните обврски на купувачите.
Amazon е само една од многуте технолошки компании кои интензивно вложуваат во AI. Но, со развојот на овие алатки доаѓаат и сериозни предупредувања. Основачот на компанијата за вештачка интелигенција Anthropic, Дарио Амодеи, неодамна изјави дека AI потенцијално може да избрише половина од работните места во административниот сектор. Слично предупредување изнесе и Џефри Хинтон, познат како „крстителот на AI“, кој оцени дека ова е „целосно поинаков тип на технологија“ што би можела да ги замени сите рутински интелектуални работи на луѓето.
Иако некои експерти се надеваат дека AI ќе создаде нови типови работни места, Хинтон прашува: „Ако оваа технологија може да извршува речиси секоја човечка интелектуална задача, тогаш какви нови работи ќе останат за луѓето?“.
Amazon вели дека вработените кои ќе ја прифатат промената и ќе работат со AI ќе бидат „добро позиционирани“ за иднината во компанијата.