Иако изгледаат безопасно, овие животни потекнуваат од Северна Америка и се класифицирани како инвазивен вид кој сериозно ја нарушува рамнотежата на локалната фауна.
Во Жиронда денес живеат илјадници ракуни, сите потекнуваат од неколку примероци што побегнале од фарма за егзотични животни во местото Кадожак на почетокот на 2000-тите години. Освен таму, нивната најголема концентрација се наоѓа и на североистокот на земјата, каде што американските војници ги донеле како миленичиња за време на престојот во НАТО базата во департманот Ен.
„Првпат ги видов на мојата тераса пред пет години и не можев да поверувам дека навистина живеат овде“, изјавил Никола Пуже, жител на местото Сенак. Тој вели дека ракуните дури влегуваат во неговиот дом преку отворот за мачки и ја јадат храната оставена за домашното милениче.
Ракунот, познат по својата интелигенција и сналажливост, успева да ја надмине дури и технологијата – некои примероци успеале да отворат автоматски врати со сензори. „Ниту една друга животинска врста не успева да подигне врата на стапица користејќи ги своите предни шепи“, вели Фабиен Егал од Здружението на овластени ловци во Жиронда.
Ловците морале да ги модифицираат стапиците и да користат слатки како мамка, бидејќи ракуните особено ги обожаваат. Но и покрај тоа, контролата врз нивниот број е речиси невозможна.
Од јули 2024 до јуни 2025 година, биле фатени 275 ракуни, но нивната популација и понатаму расте. Според истражувачот Жан-Франсоа Мајар од Француската канцеларија за биодиверзитет, овие животни претставуваат сериозна закана за земјоделството, здравјето на луѓето и заштитата на автохтоните видови.
Ракунот се храни со птичји јајца, ретки водоземци и овошје, а може да биде и преносител на болести опасни за човекот. За разлика од Северна Америка, каде што има природни непријатели, во Франција тие немаат природен баланс во синџирот на исхрана, што го забрзува нивното ширење.
„Видот е веќе толку распространет што шансите за целосна контрола се речиси нула“, изјавила Алис Дерист од секторот за заштита на природните подрачја во Жиронда. Според неа, единствено решение е брза реакција веднаш штом се открие присуство на ракуни во ново подрачје, но без долгорочно финансирање и координирана стратегија, изгледите за успех се мали.
Иако овие животни делуваат неодоливо со своите црни „маски“ и љубопитен поглед, Французите сè почесто сфаќаат дека зад нивната симпатична појава се крие сериозна еколошка закана – една „шармантна инвазија“ што би можела трајно да го промени природниот баланс на земјата.
Извор: N1info.rs