Вечерта започна со трогателен момент – постхумната награда за Еркан Ќаил, лице со попреченост кое зад себе остави инспиративна трага на храброст и добрина. Наградата ја прими неговата сестра, Лејла Ќаил, чие искрено и силно присуство ја остави салата без здив – во тишина полна со солзи, со љубов и почит.

Но емоциите не запреа тука. Кога на сцена излезе Наталија Ѓорѓиеска, сопругата на трагично загинатиот Андреј Ѓорѓиески – познат како дел од ДНК, но и како храбар глас за инклузија и еднаквост – публиката повторно замолкна. Наталија прочита писмо со кое од срце се заблагодари за наградата, истовремено ветувајќи дека неговата мисија ќе продолжи преку неа. „Андреј не го згасна времето. Тој е сè уште тука, низ секоја иницијатива, низ секој глас што се слуша кога некој ќе каже: ‘И јас припаѓам тука’“ – рече таа, оставајќи ги сите во солзи.

Признание беше доделено и на Дневниот центар „Доза Среќа“ – место каде секојдневно се докажува дека инклузијата е можна, реална и неопходна. Наградата ја прими Сузана Стојановска, со насмевка која зборуваше илјада зборови.

Особено признание беше упатено до г. Живко Мукаетов и компанијата Алкалоид, кои преку своите инклузивни политики се пример за вистинска општествена одговорност. Благодарност упативме и кон Полската амбасада и амбасадорот Мариуш Бримора, како и кон Општина Центар и градоначалникот Горан Герасимовски за нивниот придонес во создавање подобри услови за сите.

А вечерта заврши со надеж и возбуда: ексклузивна премиера на трејлерот за новиот анимиран лик Диносаурчето Ури – целосно создадено со вештачка интелигенција, но исполнето со човечка топлина. Ова ново симпатично суштество наскоро ќе оживее на екраните, со пораки за прифаќање, љубопитност и пријателство – вредности кои ги носиме и низ Инфјужн.

Во еден свет што постојано се менува, оваа вечер потсети на она што не смее да се изгуби: човечноста. .