Родољуб Шабиќ е истакнат правник и политичар со богата кариера. Како магистар по право, Шабиќ е најпознат по тоа што од 2004 до 2018. година ја извршуваше функцијата Повереник за информации од јавно значење и заштита на податоците за личноста, што го направи клучен актер во борбата за слобода на информациите и приватноста во Србија. Во текот на неговата кариера, работел и во адвокатска канцеларија која собирала голем број на правници, а во различни периоди извршувал раководни функции во правната и државната администрација, вклучувајќи ја и функцијата на раководител на правни и општи работи во GVSS Белград, како и работа во Федералниот секретаријат за законодавство на СФРЈ.
Покрај тоа, бил народен пратеник, потпретседател на Народното Собрание на Република Србија и министер за државна управа и локална самоуправа во две влади. Од 2019. година е член на Управниот одбор на БЦБП. Неговото вклучување во научната и стручната заедница се огледува преку голем број на текстови објавени во стручни списанија и дневни весници. Шабиќ стана препознатлив и по својот јавен ангажман, кој често се однесува на теми поврзани со заштита на човековите права, слобода на информациите, како и зајакнување на правната држава.
Со него разговаравме за актуелната состојба во Србија, студенстките протести, како сето тоа го менува системот и општеството и дали може да дојде до промена во структурата на власт…

Трн: Како го гледате ова што се случува во последните месеци во Србија и ова движење што го покренаа студентите?
Шабиќ: Веќе четири месеци Србија се соочува со масовни протести на студентите кои со своето оригинално, младешко и духовито дејствување и отсуство на страв стекнуваат се поширока поддршка во општеството, го разбија стравот и поттикнуваат други да ги поддржат и да се побунат против неправдата. За многу граѓани импресивни се солидарноста, организацијата и интелигентното и достоинствено дејствување на студентите, а фактот што младите луѓе, за кои веќе години наназад важи дека се незaинтересирани за општествените и политичките случувања, толку брзо се активирале и организирале, е многу пријатно и охрабрувачко изненадување.
Трн: Каде водат студентските протести и дали се можни промени во структурата на власта?
Шабиќ: Не е лесно да се одговори на прашањето – каде води експлозијата на студентскиот бунт кој стана и општ, граѓански бунт. Ако пред неколку месеци некој кажеше дека вакви протести ќе се случат, веројатно никој не би му поверувал. Кој знае што ќе биде логично за еден или два месеца, а моментално изгледа скоро незамисливо? Некои луѓе мислат дека е логично да се очекува дека протестите со времето ќе ја изгубат енергијата и масовноста. Други мислат сосема поинаку бидејќи работите одат во спротивен правец, протестите продолжуваат да растат. Протестите во Белград, Нови Сад и неодамна во Крагуевац беа исклучително импресивни, но можеби уште импресивно е што протестите не се одвиваат само во големите градови, туку и во неколку стотини градови и места.
Студентските протести како вид отпор против авторитарниот и криминализиран режим и со својата сила и креативност неизбежно асоцираат на протестите против Милошевиќевиот режим 96/97. година. Иако непосредните поводи беа различни, тогаш тоа беше брутална изборна кражба, а сега тоа е трагедија на железничката станица во Нови Сад како последица на неодговорноста, неспособноста и корупцијата, а форма на актуелните протести и суштинските причини што ги довеле до нив многу потсетуваат на успешниот повеќемесечен општествен бунт пред повеќе од 25 години.
Но многу забележлива, битна разлика е што тогаш опозицијата ги водеше протестите, а студентите ги следеа, а денес студентите ги водат, а опозицијата само како-така ги следи. Тоа, се разбира го прави исклучително важно прашањето –Колку ќе биде во состојба актуелната опозиција да одговори на предизвиците што ќе се отвораат со растечката граѓанска побуна? Зашто, ако со оглед на тоа дека некои работи што пред неколку месеци изгледаа неверојатно, денес се реалност, да појдеме од претпоставката дека револуцијата не делува како веројатна опција, тогаш враќањето на општеството во некаков нормален политички колосек е возможно само преку работа на политичките партии и движења.

Tрн: Дали се наѕира некој ентитет кој може да донесе политичка промена во Србија?
Шабиќ: Факт е дека кај јавноста на Србија постои силна перцепција дека опозицијата е слаба, неспособна, морално инфериорна, дури и дека е голем дел производ на режимот или негов колаборант. Има некои аргументи во прилог на тоа, но постојат и бројни други кои зборуваат дека станува збор за пренагласување, често и за инсуинации и очигледни лаги кои ги произведува и пласира режимот. Но, во секој случај факт е дека Србија за сега нема делотворна опозиција, барем не во онаа мерка што ситуацијата ја бара.
Но евидентно е и дека властите се изненадени од новонастанатата ситуација, не ја разбираат и немаат одговори на неа. За протестите кои студентите ги доживуваат како борба за правото на живот во нормално, здраво општество, тие имаат свои, сосема различни „објаснувања“. Според нив, станува збор за „обоена револуција“, за спроведување на намерата да со „широката, финансиски и логистички однадвор поддржана акција смени курсот на Србија и дека Србија никогаш повеќе нема да биде самостојна и независна, туку послушна, слаба, жална“. Тие тврдења ги поткрепуваат со навреди, клевети, неосновани обвиненија кои имаат цел да ги дискредитираат и застрашат сите бунтовници, секој протест и отпор. Прозиаваат луѓе како издајници, шпиони, странски платеници, усташи и шиптари, ѓубре, олош и така натаму, свесно, крајно неодговорно во услови на веќе антагонизирано општество, директно го загрозуваат нивната безбедност.
За отсуство на јасна претстава на властите зборува и ситуацијата во врска со пред три недели поднесената оставка на премиерот, самата влада. Собранието на кој требаше да се констатира оставката беше веќе закажано, но претседателката на собранието веднаш ја откажа седницата, па владата не ја престана мандатот, затоа што согласно уставот, престанува само со констатирање на оставката.

Без оглед на интересот на јавноста, медиумите и опозициските пратеници 8 дена по театарски поднесената оставка, ништо не се знаеше за неа. Скандалозно е што за печатот на собранието, кој наводно го потврдува приемот на оставката на 28 јануари, делува крајно несериозно и предизвикува сомнеж во злоупотреба на службеното место и фалсификат.
А сето тоа служи за купување време до конечната одлука за една од двете опции – избор на нова (стара) влада во собрание или предвремени парламентарни избори. Првата опција е, со оглед на убедливото мнозинство во собрание, изводлива брзо и лесно, но се одлага за некои, само властите познати причини и проблеми. Втората, „интересна“ само од гледна точка на хипотетичната желба на Вучиќ за уште една „победа“, е многу ризична затоа што би можела да доведе до жесток бојкот, па дури и активно спречување на изборите и така да доведе до резултати кои целосно ќе го делегитимизираат „победникот“.

Tрн: Дали гледате решение и каде? Во кој правец ќе продолжат протестите кои веќе не се само студентски и каков ќе биде нивниот исход?
Некое посакувано, рационално решение би можело да се заснова на идејата која некогаш му овозможила на Северна Македонија да излезе од тешката, драматична криза. Тоа подразбира постигнување на согласност околу барем некои основни работи. Прво, околу привремена влада која би го решила проблемот со ревизијата на изборниот список, и наместо апсолутната медиумска доминација која некогаш ја имаа Груевски и неговата ВМРО-ДПМНЕ, а која, дури и поголема, денес ја имаат Вучиќ и СНС, би обезбедила еднаква медиумска покриеност на учесниците во изборниот процес. Но реализацијата на таа идеја беше овозможена со силен притисок на меѓународната заедница, а нејзиниот притисок на Вучиќ не е ни приближно толку силен колку што беше врз Груевски. Меѓународната заедница, за сега, по се изгледа, водена од своите прагматични интереси, смета дека се доволни само вербални реакции. Затоа, иако мислам дека идејата е конструктивна, засега не верувам во можноста Вучиќ да ја прифати.
Не верувам ни дека луѓето од врвот на власта сами веруваат во тврдењето за „обоена револуција“ и во можноста да ги уверат сите свои симпатизери. Затоа не верувам ни дека се, барем за сега, подготвени да ризикуваат да реагираат на „обоената револуција“ со брутална сила. Но факт е дека Вучиќ веднаш по доаѓањето на власт започна да ја презема контролата над безбедносните служби и правосудството, особено обвинителството и дека во тоа најголем дел успеа. Затоа опцијата за примена на сила, со можни трагични последици, никогаш не може да биде исклучена.

Во секој случај, апсурдно е да се бараат причини за студентскиот и граѓанскиот бунт во наводна, однадвор финансирана, субверзивна активност. Вистинската и легитимна причина за граѓанскиот бунт е, како што веќе јавно реков, очигледна, некои луѓе уште пред скоро два и пол века, 1793. година, ја изразиле во Француската декларација за права на човекот и граѓанинот со зборовите „кога властите го нарушуваат правото на народот, тогаш бунтот за народот и за секој негов дел е најсвето право и најнеопходната должност“. Истражувањата и показателите кои се релевантни на глобално ниво недвосмислено покажуваат дека актуелната власт ја довела земјата до најкорумпирани во Европа, со највисока стапка на организиран криминал, со најниско ниво на владеење на правото, со најлоши медиумски слободи, највисоки прекршувања на работничките права, најсиромашни и со најголеми социјални разлики. Властите не сакаат, одбиваат да разберат дека таквите „достигнувања“ му го нарушиле правото на народот да живее нормално, во нормално општество. Студентите се дел од народот кој прв се одговори на обврската да се побунат против тоа и затоа заслужуваат и почитување и добија широка поддршка.
Не е ни малку едноставно да се одговори на прашањето во кој правец ќе продолжат протестите кои веќе не се само студентски и каков ќе биде нивниот исход. Работите кои скоро беа неверојатни денес се реалност и тоа може да продолжи. Само едно е веќе сигурно, во Србија, по студентските протести, ништо повеќе нема да биде како пред тоа.