Во среда на 12 ти јуни во 19 часот во Илика, ќе се одржи настан на кој Игор Раиден и Зориа Петкоска Калајџиева ќе зборуваат за научната фантастика во книжевноста како и за нивните проекти: романот „Издигнување“ (Темплум) на Игор Раиден и арт-зборникот „Верлосен“ (Флип Бук) на Симон Калајџиев.
„Издигнување“ е научно-фантастичен роман, прв дел од серијалот „Омнивалентност“, чиешто дејство се одвива во блиската иднина, 2037 година. Човештвото се наоѓа среде интер галактички конфликт на цивилизации кои го создале кодот на универзумот. Една од нив оставила свое генетско наследство на Земјата. Оттука започнува сѐ. Романот заговара поинаква еволуција на човештвото: кон солидарност, доверба и емпатија, искоренување на насилството, обединување околу заедничките придобивки и кон разбирање и прифаќање на различностите.
„Верлосен Арт – зборник“ е иновативно издание од областа на научната фантастика кое содржи 70 цртежи од серијата насловена „Аракнајтс Готика“, како и 20 записи од 14 автори-приложувачи напишани како дополнување на цртежите. Автор на книгата е ликовниот уметник Симон Калајџиев, а преведувачка и приредувачка на текстуалните содржини е Зориа Петкоска Калајџиева.