Во пресрет на летната туристичка сезона, земјите на Јадранот се соочуваат со сериозен недостиг од работна сила. Проценките покажуваат дека во Хрватска ќе бидат потребни околу 70.000 сезонски работници, што е повеќе од минатата година, додека во Црна Гора се очекува побарувачка од најмалку 25.000 лица, особено во туристичките центри како Будва.
Најголема побарувачка традиционално има во угостителството, каде се бараат келнери, готвачи и помошен персонал. Потребни се и рецепционери, собарки и работници за одржување, кои се клучни за функционирањето на хотелите и туристичките комплекси. Ова отвора можности за работници од регионот, кои веќе активно аплицираат за сезонски ангажмани.
Платите варираат во зависност од позицијата, но генерално се привлечни. Келнерите можат да заработат од 1.200 до 1.600 евра месечно, додека рецепционерите добиваат нешто повеќе. Во кујната, готвачите се меѓу најбараните, со плати кои достигнуваат и до 2.500 евра, а шефовите на кујни можат да заработат и до 3.000 евра месечно.
Дополнителна предност на овие работни места е тоа што често вклучуваат обезбедено сместување и храна, што значително ги намалува трошоците за работниците. Сепак, и покрај високите плати, интересот за квалификуван кадар останува понизок, што укажува на долгорочен проблем со недостиг на стручен персонал во туризмот и угостителството во регионот.