Најголемиот музички фестивал во регионов, EXIT фестивал по повод 25. роденден носи фузија на култни изведувачи чии настапи останаа вечно испишани во историјата на фестивалот, заедно со оние кои премиерно ќе се појават на Петроварадинската тврдина и ќе го донесат звукот на иднината за новите генерации.
State of EXIT | The First 25 Acts for 2025!
Списокот со првите 25 имиња за четврт век на еден од најзначајните светски фестивали, го предводат револуционерните Sex Pistols, симболот на панк движењето и бенд кој засекогаш го промени рокенролот, овој пат со енергичниот Френк Картер кој на бендот му даде нова сила и свежина правејќи го еден од најдобрите концертни состави на денешницата! На оваа култна постава се придружуваат и зачетникот на електро-денс музичката сцена и глобалната суперѕвезда Tiësto, еден од водечките продуценти на електронската музика Eric Prydz, како и две техно диви — Indira Paganotto b2b Sara Landry, кои на тврдината ја носат светската премиера на ексклузивниот и нивниот единствен бек-ту-бек настап на светот во 2025 година! Покрај нив на тврдината доаѓаат и Hurts, чиј емотивен концерт од 2014 година и понатаму се прераскажува, додека премиерно публиката ќе има прилика да ужива и во настапите на двократната евровизиска победничка Loreen.
Дека интересот за јубилејното издание ќе биде најголем до сега, покажува и тоа што првите влезници ги снемува во рекорден рок. Во моментов во продажба е фестивалскиот пакет со дури 50% попуст по цена од 4600 денари.
Панк легендите кои засекогаш го сменија текот на музичката историја, Sex Pistols, се враќаат на EXIT за уште еднаш да го одбранат бунтовниот гитарски звук и автентичноста на панк движењето! На јубилејното 25-то издание ќе ги предводи Френк Картер, поранешен фронтмен на култниот бенд Gallows, чии експлозивни настапи со бендот The Rattlesnakes со години го редефинираат современиот панк рок и ги воодушевуваат обожавателите ширум светот!
Формирани во 1975 година во Лондон, Sex Pistols се пионери на панк движењето и бенд кој засекогаш го промени лицето на музиката и културата. Нивниот прв и единствен студиски албум, „Never Mind the Bollocks, Here’s the Sex Pistols“ (1977), прогласен е за еден од најважните албуми во историјата на рок музиката. Со безвременските химни како што се „God Save the Queen“, „Anarchy in the U.K.”, „Pretty Vacant” и „Holidays in the Sun”, Sex Pistols го симболизираа бунтот против естаблишментот и станаа глас на цели генерации млади луѓе. Денеска, Sex Pistols го сочинуваат оригиналните членови: Стив Џонс (гитара), Пол Кук (тапани) и Глен Матлок (бас гитара), додека вокалниот дел го презема енергичниот Френк Картер. Оваа култна формација ќе ја затвори главната програма на фестивалот на големата „Tesla Universe“ бина во недела, 13 јули.
Музичката икона и добитник на Греми наградите, Tiësto, стана синоним за глобална доминација во електронската музика. Тој настапи како прв диџеј на церемонијата на Олимпијадата, додека холандската кралица Беатрикс го одликуваше со титулата Офицер од Редот на Оринџ-Насау. Неговиот албум „A Town Called Paradise“ (2014) го редефинира неговиот звук, фокусирајќи се на мелодичниот EDM, а токму тој ја донесе електронската музика на главните фестивалски бини и го трасираше патот по кој подоцна зачекорија великаните, како што се Калвин Харис, Бијонсе, Колдплеј, Мартин Гарикс, Пост Малон и многу други. На јубилејниот EXIT Фестивал, со својот уникатен сет ќе ја отвори прославата во четврток, 10 јули на Tesla Universe бината.
На најголемата бина, на третиот фестивалски ден, во сабота 12 јули, ќе настапи и шведската поп ѕвезда Loreen, единствената жена која двапати ја освои титулата победник на Евровизија! „Euphoria” и „Tattoo” освоија многу топ листи ширум светот, а нејзиниот единствен вокал и способноста да создаде незаборавна атмосфера на секој настап ја направија една од најпрепознатливите уметници на денешницата.
Последниот ден на Фестивалот, на Tesla Universe бината во недела, 13 јули, се враќа британското поп дуо Hurts, чиј настап на EXIT 2014 и понатаму е еден од омилените за голем број посетители на фестивалот. Популарноста на овој состав се рефлектира во милионите продадени албуми и синглови, како и во распродадените турнеи ширум светот. На јубилејното издание на фестивалот повторно ќе уживаме во нивните химни како „Stay“, „Miracle“, „Illuminated“, „Sunday“, како и во еден од најголемите хитови на претходната деценија, „Wonderful Life“.
Во рамки на прославата за 25 години постоење, EXIT Фестивалот на 13 јули 2025 година, дополнително ќе фрли светлина на еден од најважните моменти во историјата на музиката – 40 години од првиот Live Aid концерт, еден од најзначајните настани на сите времиња. За овој повод, на фестивалот ќе се придружи и легендарниот Боб Гелдоф, лидер на групата The Boomtown Rats, кој од Петроварадинската тврдина, на главната, Tesla Universe бина, ќе ја потсети публиката на моќта на музиката да ги обединува, мотивира и иницира општествените промени.
На моќните настапи на mts Dance Arena ќе се придружи и Eric Prydz на третиот фестивалски ден, во сабота, 12 јули. На истото место, во 2023 година тој разигра повеќе од 20.000 луѓе, а сега повторно ќе покаже зошто неговото име е повторно на врвот на електронската музика, со безвременските хитови како „Opus”, „We Are Mirage” и „Proper Education”.
На оваа листа се придружуваат и DYEN и Nico Moreno, претставниците на новата генерација на техно сцената кои ќе настапат во заеднички бек-ту-бек сет. DYEN носи сирова енергија инспирирана од gabber сцената во Ротердам, додека Moreno освојува со длабоките басови и динамичните мелодични структури. Нивниот заеднички настап ветува единствено искуство кое ги поместува границите на жанровите и ја најавува иднината на современиот техно звук.
Познати се првите имиња и на Visa Fusion бината, препознатлива по својата уникатна атмосфера и спојувањето на рзаличните музички правци. Последниот ден на Фестивалот, на 13 јули ќе настапи Џони Миднајт Трио, бендот познат по фузијата на рок, блуз и џез звук кој го предводи Никола Ѓуричко, а чии концерти изобилуваат со виртуозни импровизации и единствена енергија.
Во јубилејното 25 издание на EXIT се придруживаат и многу нови изведувачи, а дел од нив се Gloryhammer, Ki/Ki, The Drows, Meryl Streek, Public Serpents, Runy, Total Chaos, Cosmic G, Drop Sensei, Hobin Rude, Lower Parts of Human Sludge, Ocean of Another и Vlkn, кои ќе донесат разновидни музички правци и иновативни пристапи на сцената. Влезниците се достапни на Егзитовиот сајт, со цена 4.600 денари за билет кој важи за сите дена, додека за ВИП влезниците цените се од 26.100 денари