На 3 април 2026 година, со почеток во 20 часот, на сцената на Националната опера и балет ќе биде изведена операта „Севилскиот бербер“ од Џоакино Росини, едно од најпознатите и најомилени дела во оперскиот репертоар.
Изведбата ќе се одржи под диригентската палка на Бисера Чадловска, додека режијата е на Урсула Хорнер од Австрија. Сценографијата ја потпишува Марија Ветероска, а костимографијата е на Марија Пупучевска. Концерт-мајстор е Јане Бакевски, а хор-мајстор Ѓурѓица Дашиќ.
Во солистичката екипа настапуваат Марјан Јованоски, Биљана Јосифов, Благој Нацоски, Владимир Саздовски, Невен Силјановски, Соња Пендовска Мадевска, Драган Ампов, Кристијан Антовски, Никола Чедомировски и Филип Мирчевски. На чембало ќе настапи Елена Сиљаноска, заедно со хорот и оркестарот на Националната опера и балет.
„Севилскиот бербер“ важи за едно од ремек-делата на Росини и за опера што со децении ја освојува публиката со својата жива сценска енергија, духовити заплети и препознатлив музички стил. Делото е исполнето со брзи дијалози, комични недоразбирања и музички моменти што одамна добиле култен статус во светот на операта.
Меѓу нив особено се издвојува аријата „Largo al factotum“, преку која ликот на Фигаро повеќе од два века останува еден од најпрепознатливите во оперската литература. Љубовната приказна во операта се развива низ низа пресврти, тајни планови и хумор, во стил што и денес лесно комуницира со публиката.