„Севилскиот бербер“ повторно на сцената на НОБ

Операта на Џоакино Росини, препознатлива по хуморот, енергијата и музичката виртуозност, на 3 април повторно ќе биде изведена во Националната опера и балет.

Една од најпознатите и најсакани опери од светскиот репертоар, „Севилскиот бербер“ од Џоакино Росини, на 3 април ќе биде изведена во Националната опера и балет, со почеток од 20:00 часот. Публиката ќе има можност повторно да ја следи оваа духовита и динамична приказна, преполна со музички моменти што со децении не ја губат својата сила.

Изведбата ќе биде под диригентство на Бисера Чадловска, со режија на Урсула Хорнер од Австрија. Сценографијата е на Марија Ветероска, костимографијата на Марија Пупучевска, концерт-мајстор е Јане Бакевски, а хор-мајстор Ѓурѓица Дашиќ.

Во солистичката екипа настапуваат Марјан Јованоски, Биљана Јосифов, Благој Нацоски, Владимир Саздовски, Невен Силјановски, Соња Пендовска Мадевска, Драган Ампов, Кристијан Антовски, Никола Чедомировски и Филип Мирчевски. На чембало ќе настапи Елена Сиљаноска, заедно со хорот и оркестарот на Националната опера и балет.

„Севилскиот бербер“ важи за ремек-дело на Росини, композитор препознатлив по виртуозната музика, брзите ритмички линии и живата сценска енергија. Операта е исполнета со духовити ситуации, брзи пресврти и музички точки што одамна станале дел од колективната културна меморија, меѓу кои особено се издвојува славната арија „Largo al factotum“.

Во срцето на делото е љубовна приказна полна со тајни планови, недоразбирања и комични заплети, раскажана во препознатливиот стил на Росини. Токму таа леснотија, заедно со музичката разиграност и сценската живост, го прави „Севилскиот бербер“ едно од оние дела што и по повеќе од два века остануваат свежи, блиски и привлечни за нова публика.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни