Северна Кореја истрела балистичка ракета кон Јапонското Море

Ракетата паднала во близина на ексклузивната економска зона на Јапонија. Засега нема пријавена штета, но Токио и Сеул повикаа на итна координација и внимателност поради растечките тензии на Корејскиот Полуостров.
Севернокорејска ракета лансирана кон Јапонското Море
Tanjug/AP

Северна Кореја денеска лансираше балистичка ракета кон Јапонското Море, потврди јапонската премиерка Санае Такаичи, додавајќи дека проектилот паднал во близина на ексклузивната економска зона на земјата.

Според информациите на агенцијата Кјодо, засега не е пријавена материјална штета ниту пак инциденти со цивилни авиони или бродови во областа. Такаичи нареди итна реакција од надлежните институции, вклучително и брзо доставување на информации до јавноста и засилени мерки за национална безбедност.

Во исто време, јужнокорејската војска соопшти дека идентификувала непознат балистички проектил лансиран од областа Тегван, во севернокорејската провинција Северен Пјонган, околу 12:35 часот по локално време. Според воените извори од Сеул, во тек е анализа на траекторијата и типот на проектилот.

Агенцијата Јонхап потсетува дека лансирањето се случува само еден ден по реакцијата на Пјонгјанг на новите американски санкции против осум севернокорејски државјани и два ентитета обвинети за перење пари поврзано со сајбер-криминал. Според аналитичарите, ваквите потези укажуваат на нагласена ескалација во односите меѓу Северна Кореја и САД, што би можело дополнително да ја дестабилизира ситуацијата во регионот.

Јапонија, Јужна Кореја и САД остануваат во тесна координација, а Министерството за одбрана на Јапонија соопшти дека ќе продолжи да ги следи движењата на севернокорејските сили и да ги анализира можните закани по националната и регионалната безбедност.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни