Северина со силна порака до Европскиот парламент: „Сите ние сме жени од втор ред – достапен абортус е право, не привилегија“

Хрватската пејачка Северина, позната по својата долгогодишна уметничка кариера, но и по својот активизам за човекови права, денес имаше остро и емотивно обраќање во врска со правото на абортус, упатено кон Европскиот парламент и јавноста.
Фото: severina.com

„Факт е дека сите ние, вклучувајќи ја и претседателката на Европската комисија и претседателката на Европскиот парламент, денес сме граѓанки од втор ред,“ рече Северина. „Жени на кои многу држави во Унијата сè уште не им го признаваат правото на самите себе – на сопствената одлука, на своето тело, на својот живот.“

Во својот говор, Северина ја критикуваше улогата на државата во ограничувањето на репродуктивните права на жените, велејќи дека наместо да се создаваат општества во кои жените можат да живеат слободно и достоинствено, се градат системи во кои „женските тела и животи се ставаат под контрола на државната сила – во име на некаква традиција“.

„Но тоа не е наша традиција,“ истакна таа. „Тоа не е традиција на Европската унија, ниту на Европејките. Нашата вистинска традиција е слободата – и решени сме да ја продолжиме.“

Северина информираше дека се собрале 1,2 милиони потписи низ целата Европска унија, од кои 65.963 само во Хрватска, во рамките на иницијатива со цел да се обезбеди достапен, бесплатен и безбеден прекин на бременоста за сите жени во ЕУ.

На крајот од обраќањето, таа упати порака до европратениците:

„Ќе успееме. Ќе го оствариме ова. Вашиот избор, господа од Европскиот парламент, е едноставен: дали ќе бидете на вистинската или на погрешната страна на историјата. Дали ќе можете да ги погледнете жените во очи, и себеси во огледало? Или ќе останете запишани како арогантни насилници и – притоа – неуспешни губитници.“

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни