Шест години од првиот случај на ковид-19: Пандемијата што го смени светот

Од првиот пациент во Вухан до глобален локдаун: последиците сè уште се чувствуваат.

На 1 декември 2019 година, пред точно шест години, е регистриран првиот документран случај на инфекција со коронавирусот SARS-CoV-2 — настан кој во моментот изгледаше незначаен, но од денешна перспектива го означи почетокот на најголемата глобална криза на 21 век.

Станар на кинескиот град Вухан се јавил кај својот лекар со симптоми кои подоцна ќе станат препознатлив белег на болеста ковид-19. Иако тој пациент не ја заразил својата фамилија, неговиот случај повторно излегол во фокус кон крајот на декември, кога почнале да се појавуваат нови случаи и сигнали дека се шири непознат респираторен вирус.

До 31 декември 2019 година, во Вухан беа регистрирани 27 случаи на инфекција, од кои седум во тешка состојба. Само неколку недели подоцна, вирусот се проширил низ целиот свет.

Како започна глобалната пандемија

Во јануари 2020 година, вирусот се прошири надвор од границите на Кина. До крајот на месецот, беа потврдени случаи во 26 земји, меѓу кои и првите пациенти во Европа (24 јануари) и САД (20 јануари). Првиот смртен случај бил регистриран на 9 јануари 2020 година — 61-годишен маж од Вухан.

Глобален локдаун без преседан

До април 2020 година, околу 3,9 милијарди луѓе, речиси половина човештво, започна да живее под некаква форма на локдаун. Воздушниот сообраќај беше запрен, граници беа затворени, а градови со десетици милиони жители останаа празни.

Истовремено, научниците низ светот започнаа трка за развој на вакцина. Пекинг во јуни 2020 година ја тестираше вакцината CanSino на припадници на војската, а Русија во август ја одобри Sputnik V за итна употреба.

Во ноември 2020 година, компаниите Pfizer и BioNTech поднесоа барање за одобрување на нивната вакцина во САД и Британија, а до крајот на декември таа беше одобрена во повеќето земји во ЕУ и пошироко.

Како пандемијата го смени секојдневието

Пандемијата радикално ги трансформираше навиките и функционирањето на општествата.

Работата од дома, која претходно беше реткост, стана доминантен модел на работа во голем дел од светот. Онлајн-наставата и хибридните модели во образованието станаа нова реалност, а многу од тие решенија опстанаа и по завршувањето на пандемијата.

Политички последици и промени во лидерството

Глобалниот одговор на ковид-19 создаде големи политички последици. Милионите смртни случаи, економските последици и критиките за спроведените мерки влијаеја врз бројни влади.

Еден од најистакнатите примери е изборниот пораз на тогашниот американски претседател Доналд Трамп во 2020 година, кој загуби од Џо Бајден во среде пандемиската криза.

Аналитичарите посочуваат дека строгите мерки, затворањето на пазарите и воведувањето локдауни придонеле за растот на десничарските партии ширум светот.

Економски ефекти што сè уште се чувствуваат

Пандемијата силно го погоди глобалниот економски систем. Прекинатите синџири на снабдување, затворањето на фабрики и падот на меѓународната трговија создадоа економски притисок што доведе до инфлациски шок во 2022 година.

Многу економисти сметаат дека токму ковид-19 и реакцијата на државите претставуваат основа за инфлацијата што ги погоди речиси сите земји и чиј ефект се чувствува и денес.

Во комбинација со финансиската криза од 2008–2009 година, пандемијата ковид-19 се смета за најголема глобална криза на современиот период, затоа што речиси секоја држава во светот почувствува директни последици.

Шест години подоцна: што се смени?

Иако Светската здравствена организација пандемијата ја прогласи за завршена пред две и пол години, ефектите и понатаму се присутни.

Многу аспекти на животот — од начинот на работа до политичките системи и економските политики — се променети долгорочно. Пандемијата ги отвори и прашањата за отпорноста на здравствените системи, за информациската криза и ширењето дезинформации, како и за довербата во институциите.

Останува јасно дека ковид-19 трајно го обележа современиот свет и дека многу од последиците ќе продолжат да се анализираат во годините што следуваат.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни