„Чаршија“ – серија што го оживува духот на Старата скопска чаршија

Новата хумористична серија инспирирана од секојдневието на Чаршијата ја слави мултикултурноста преку кратки дигитални епизоди, човечки приказни и оригинална мултијазична музика.

„Чаршија“ е нова хумористична серија инспирирана од животот, ликовите и духот на Старата скопска чаршија – простор каде со векови се преплетуваат култури, јазици и генерации. „Чаршија не е само серија, туку жив организам. Тука сите се разбираат“, вели креаторот и режисер Сибел Абдиу. Оваа недела излезе 26-та епизода од вкупно 36 планирани за сезоната.

Форматот на „Чаршија“ се состои од кратки епизоди од 3 до 5 минути, наменети за дигитални платформи и снимани директно во срцето на Чаршијата, во студио изградено во самиот нејзин центар. Преку хумор и препознатливи човечки ситуации, серијата ја прикажува мултикултурноста, занаетчиството и урбаните менталитети што живеат еден покрај друг во најстариот и најавтентичен дел од Скопје.

Во серијата настапува широка актерска екипа со ликови што ја градат секојдневната динамика на Чаршијата: Борче Начев како Ристо берберот, Жаклина Петровска како неговата покојна сопруга, Селпин Керим како Конфучиј – „филозофот на Чаршијата“, Сузан Акбелге како Севим слаткарката и Хамди Рашити како Куштрим бурекчијата. Меѓу останатите се и Адриан Азири, Ванеса Петровци, Стефан Николовски, Беркан Ахмет, Рајмонда Ахметај, Милена Блажевска, Гоце Андонов и многу други, создавајќи ансамбл што ја одразува разновидноста на Чаршијата.

Епизодите се достапни на официјалните дигитални канали на серијата: YouTube, Instagram, TikTok и Facebook, што ѝ овозможува директна комуникација со публиката и органски раст во онлајн-просторот.

Музичките идентитет како мост меѓу културите:

За серијата е создадена и специјално компонирана оригинална песна „Каде што припаѓаш и ти“, која функционира како музички саундтрак и јасен симбол на соживот и припадност. Песната е изведена на пет јазици (македонски, албански, турски, ромски и српски) како одраз на мултикултурниот дух што „Чаршија“ го носи.

Композитор и текстописец е Ирена Петровска – éirí, аранжманот го потпишуваат таа и Филип Динев, со коаранжман на Оливер Настовски – Батка и Дејан Спасовиќ. Миксот и мастерингот се реализирани во Alshar Studio од Ивица Јанкуловски. Во изведбата учествуваат и Дамјан Огненовски, додека вокалите ги изведуваат Ирена Петровска – éirí, Беркан Ахмет и Деа Таипи.

Со оваа песна, „Чаршија“ добива автентичен музички идентитет што не само што ја следи нарацијата, туку ја продлабочува пораката за различност, заедништво и припадност – токму она што Чаршијата отсекогаш била.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни