Серија земјотреси го потресоа Наполи, жителите во паника

Италијанските сеизмолози велат дека земјотресот бил со јачина од 4,4 степени по Рихтер и го погодил Наполи во четвртокот во 01:25 по локално време на мала длабочина од три километри

Жителите на италијанскиот град Наполи ноќта ја поминаа на улиците или во автомобили, плашејки се од последователни земјотреси.

Италијанските сеизмолози велат дека земјотресот бил со јачина од 4,4 степени по Рихтер и го погодил Наполи во четвртокот во 01:25 по локално време на мала длабочина од три километри.


Во делови на Наполи било прекинато снабдувањето со електрична енергија.Во соседниот град Поцуоли, близу епицентарот на земјотресот, едно лице било извлечено од урнатините на делумно срушена куќа.

Наполи се наоѓа на Флегрејските полиња, вулкански басен што го прави ова подрачје во јужна Италија подложно на земјотреси. Земјотресот во четвртокот бил почувствуван во неколку области на регионот Кампанија, јавија италијанските медиуми.

Земјотресот бил придружен со најмалку два послаби последователни земјотреси.Луѓето, во страв, ги напуштиле домовите и останале на улиците на Напуљ, плашейки се од нови потреси.

Подоцна се појавија фотографии на кои се гледа оштетена куќа и автомобил со скршен ветробран.

Веднаш бил формиран спасувачки координациски центар.

Училиштата во Поцуоли и во две блиски населби се затворени за да се направат проверки за стабилноста на зградите, јави весникот „Кориере дела Сера“.

Земјотресот бил со ист интензитет како и минатиот мај – најсилниот што го погоди Кампи Флегреи во последните 40 години – и се случил околу еден месец по земјотресот со јачина од 3,9 степени по Рихтерова скала, што беше забележан во оваа област.

Вулканот Кампи Флегреи последен пат еруптирал во 1538 година, но земјотресите се чести во оваа област од 1950 година.

На почетокот на 1980-те години, во ова подрачје беше забележан бран на посилни сеизмички активности.

Експертите веруваат дека последниот пораст на сеизмичката активност е поврзан со така наречениот брадисеизам, феномен што подразбира постепено подигнување или спуштање на делови од земјината површина, предизвикан од полнење или празнење на подземни магматски комори или хидротермална активност.

Во подрачјето на Кампи Флегреи има 15 градови каде што повеќе од половина милион луѓе живеат во така наречената „црвена зона“, која е најзагрозена.

Минатата година, италијанската влада најави нови мерки поради зголемената сеизмичка активност во оваа област, ажурирајќи ги плановите за можноста од масовна евакуација.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни