МКЦ Скопје не заборава

Серија настани во парк МКЦ по повод 60 години скопски земјотрес

Под слоганот „МКЦ Скопје не заборава“ МКЦ Скопје како институција која е дел од проектот за издигнување на пост-земјотресно Скопје со пригодна програма ќе го одбележи 60 годишниот јубилеј од кобниот настан.

Тој фатален скопски ден, далечната 1963 покажа дека Скопје е кревок град. Оттогаш, со секој изминат ден Скопје се сеќава на трагедијата која го зафати нашиот град, но и на силниот светски наплив на солидарност кој го издигна Скопје во бастион на хуманизмот и обновата, изјавија од МКЦ.

десно, Владица Младеновски

„МКЦ ова не го прави прв пат, секоја година на 26 јули, 12 година по ред го организираме овој настан точно на денот. Се работи за повеќе настани, значи мулдисциплинарно ќе биде. Почнуваме со детска работилница со Доротеј Нешовски со почеток од 18 часот. Понатаму во 20 часот се отвора изложба „Попатни одблесоци“ од Ристо Костовски во Галерија МКЦ. Во 21 часот започнува музичкиот дел од програмата и тоа имаме настап на три бенда: Pedro Horisonte, скопско ново трио на Пеце од Суперхикс, Луфтанза, нов млад бенд на скопската сцена кој е носечки бенд со неговите 6 члена. Тие се млади луѓе кои се собрани од колективот Гола планина и на крај ја имаме Баклава кои го промовираат нивниот нов албум кој се вика „За Скопје со љубов“. На албумот има 9 песни кои се поврзани со градот, со случки од градот.

Концертите ќе се одржат во паркот на МКЦ, а влезот е бесплатен. По музичкиот дел, ќе се проектира филм на голем скрин „Скопје ремикс“ од 2012 година како полноќна филмска проекција“, изјави за читателите на Трн, Владица Младеновски, музички уредник во МКЦ.

Кирил Мечалов

Кирил Мечалов, уредник на литературната програма во МКЦ Скопје, најави дека со почеток од 20 часот во паркот МКЦ присутните ќе можат да проследат еден интересен разговор за Скопје под наслов „Зелениот дворец“: Книжевен времеплов на Скопје . „Гостин ќе биде Сибо, годинешниот добитник на наградата Пегаз за книгата Зелениот дворец. Тој ќе разговара со еден архитект на тема Скопје. Преку неговата книга каде што има споменувано неколку локации, ќе разговараат какво било Скопје некогаш, какво е денес. Разговорот ќе трае околу 40 минути, а потоа Сибо останува до крај затоа што малку подоцна заедно со останатите членови на бендот Баклава кој ќе имаат концертна промоција на најновиот албум.“

Посетителите тој ден ќе можат да проследат уште една изложба насловена како „Бетонско Скопје“.

Изложбата „Бетонско Скопје“ ги опфаќа фотографиите од истоимените збирки на разгледници издадени во периодот од 2018- 2022 година, од страна на МАРХ Македонска архитектура во соработка со Младинскиот Културен Центар и Градот Скопје. Овогодинешната изложба се реализира со поддршка и на Министерството за култура, како дел од проектот „60 години од 5 и 17“. Автор на проект: Филип Конески, а фотографиите се на Филип Конески и Борис Јурмовски


е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни