Кога никој веќе нема и сите одат на различни страни, сенката ми останува да ме следи. Дури и доцна во ноќта, кога мислам дека веќе никој не посочува на мене, сигурна дека не ме облева светлина, таа е тука под мене, сум ја наседнала, па дури и налегнала. Затварам очи за да не ја гледам, се менува по мене, се зголемува со мене, секогаш личи на мене дури и кога на ништо не личам. Тоа е моја сенка, и на крајот од денот само тоа е мое. Нешто слично како што е секогаш жената во општеството.
По природа создателка, родилка на децата кои еден ден ќе ја водат државата, поттикнувачка на промени, а со тоа и причинителка на бесот, отров и противотров заедно. Уметница, креаторка на убавото, спасувачка н пропаднатото. Би ја нарекла и ѕидарка, која не ѕида со рацете, туку со утробата.
Кога веќе ја испративме старата година да се потсетиме што се случуваше во 2024та, да научиме за да не го повторуваме.
Промоцијата на субмисивна и контролирана жена беше на хајлајт на изминатата година. Промоција на послушност, умилкување и молк. Потиснување, каде главно оружје е религијата преку која жените се врамуваат во „моралните“ рамки на облеката, изразувањето, желбите и потребите. Секојдневно линчување на феминистите и нивно етикетирање како екстремисти кои сакаат да ги поткопаат традиционалните, културни вредности, да ги дестабилизираат семејствата како „градбени единици“ на општеството, па дури се сметаат и за закана на националниот идентитет. Се оперира со алатката „Разликите меѓу мажите и жените се длабоко во биологијата“… а како да објаснам дека жените не побараа пенис, туку место на масата за одлучување! Еднакво право на едукација и еднаква плата.
И да, денес жената навидум може да направи што сака! Во Полска може да седи на одлучувачкото место, ама не смее да одлучува за своето тело. Во Унгарија, може слободно да се вклучува каде сака, ама притоа да истисне од себе што повеќе деца. Додека во Авганистан може само жената слободно да дише, затоа што едукација, работа или пак движење во јавност без машка придружба не доаѓа во предвид.
Всушност под засенувањето се крие ова – Ајде сега, сакај да бидеш насмеана, иако ќе ти го земам местото, сакај да имаш секс и роди дете. Треба да расте наталитетот, а и време е да се оствариш како мајка. Стави малку пудричка околу очите, да не бидеш страшна со темните кругови околу очи. И не сега не е веќе време да се мешаш, оди да ги гледаш децата и немој само да ги гледаш, туку и порасни ги, а во меѓувреме заврши ги сите други работи….
И не знам после ова дали жената е во сенка или таа е сенката. Нешто кое стои тука откако се ќе се раскине и распарчи, нешто што те следи насекаде како совеста, и кога ќе пробаш да ја нагазиш, оди малку пред тебе или ќе се врати малку наназад, за никогаш да немаш прилика да ја нагазиш со нога. Вистински приказ на достоинство.
Во оваа година посакувам, жените во Авганистан да можат да пеат повторно, да може сонцето да им го гали лицето. Посакувам да запрат војните со што ќе запре сексуалното насилство врз жените кои се на воените појаси, цивили и оние во униформа. Посакувам и активистките кои се борат против режим како младата девојка во Иран, да не завршуваат фатално, посакувам мажите да не си ги злоупотребуваат партнерките како што беше третирана Жизел Пелико. Посакувам оваа година да можат жените да одлучуваат за своето тело… Посакувам да го имаат жените и она што го имаат мажите.