Со 51 глас „за“ и 47 „против“, ова претставува најнов обид на двопартиска група сенатори да го оспори Трамповиот протекционистички пристап кон трговијата.
Четворица републикански сенатори Сузан Колинс од Мејн, Мич Меконел и Ренд Пол од Кентаки и Лиза Мурковски од Алјаса им се придружија на демократите во гласањето против мерката.
Ова е третпат во една недела републиканците да гласаат заедно со демократите за да укинат одредени трговски мерки на администрацијата на Трамп. Претходно, Сенатот изгласа укинување на царините што беа воведени кон Бразил и Канада.
Гласањето доаѓа во време кога се смета за исклучително ретко републиканци да гласаат против политиките на Трамп во неговиот втор претседателски мандат. Сепак, овој потег ја одразува загриженоста кај дел од партијата дека широките трговски бариери ја оштетуваат американската економија и односите со сојузниците.
Сенаторот Тим Кејн од Вирџинија изјави дека резолуцијата, иако има симболичен карактер, претставува јасна порака до претседателот.
„Во првиот мандат на Трамп научив дека тој реагира на вакви сигнали. Кога ќе види дека републиканците почнуваат да гласаат против неговите политики, дури и во мал број, тоа остава впечаток и често може да го натера да ја промени својата одлука,“ рече Кејн.
И покрај исходот во Сенатот, Домот на претставници најверојатно нема да преземе слична акција. Републиканците таму уште претходно усвоија правило со кое се блокира можноста резолуциите за царините да стигнат на гласање на пленарна седница.
Според аналитичарите, овие резолуции претставуваат воспротивување не само на конкретните трговски мерки, туку и на претседателот Трамп, кој со извршни наредби го заобиколил Конгресот и самоволно вовел царини врз основа на „реципроцитет“.
Гласањето се случи додека претседателот Доналд Трамп престојуваше во Азија, каде постигна договор со Кина за намалување на царините на кинески производи и зголемување на увозот на американска соја, што беше едно од клучните прашања во трговската војна меѓу двете земји.
Според договорот, Кина ќе ги обнови купувањата на земјоделски производи од САД, додека Вашингтон ќе ги ублажи дел од тарифите на кинеската стока.
Иако резултатот во Сенатот нема да има директно правно дејство без поддршка од Домот, тој ја покажува растечката поделба во редовите на Републиканската партија и незадоволството од трговските политики кои се сметаат за преголемо мешање на извршната власт во економијата.
Останува да се види дали ова симболично гласање ќе изврши притисок врз Белата куќа да ги преиспита глобалните тарифи што, според економистите, веќе предизвикуваат зголемување на цените и нарушување на синџирите на снабдување.
Извор: The Guardian
 
				 
				 
								 
								 
								 
								