Семејствата на исчезнатите од летот MH370 ќе добијат оштета

Податоците од радарот покажаа дека авионот кој полетал од Куала Лупмур нагло скршнал налево, летајќи над Малајскиот Полуостров

Судот во Пекинг ѝ наложи на „Малезија ерлајнс“ да им исплати отштета на семејствата на осумте патници на исчезнатиот лет MH370. Секое семејство има право на 2,9 милиони јуани, што е околу 352.600 евра, а отштетата покрива смрт на најблиските, трошоци за погреб и отштета за ментална болка, објави судот, пренесува „Скај њуз“ .

Летот MH370 мистериозно исчезна во 2014 година на пат од Куала Лумпур до Пекинг, предизвикувајќи една од најголемите потера во историјата на воздухопловството. Бидејќи авионот и неговите патници никогаш не беа пронајдени, тие беа прогласени за законски мртви. Повеќето од патниците беа кинески државјани, а нивните семејства сè уште бараат одговори.

Судот, исто така, објави дека 23 други случаи се во тек, додека 47 други постигнале спогодби и ги отфрлиле обвиненијата. Минатата недела, малезиската влада објави дека потрагата по авионот ќе продолжи на 30 декември.

Последната комуникација од авионот е снимена приближно 40 минути по полетувањето, додека летал над виетнамскиот воздушен простор. Капетанот Захарие Ахмад Шах го завршил преносот велејќи: „Добра ноќ, малезиски три седум нула“. Кратко потоа, транспондерот на авионот престанал да работи и контролата на летање го изгубила контактот.

Податоците од радарот покажаа дека авионот нагло скршнал налево, летајќи над Малајскиот Полуостров. Истражителите веруваат дека се урнал во Индискиот Океан, западно од Австралија. Оттогаш на плажите се пронајдени неколку мали парчиња остатоци за кои се верува дека се од исчезнатиот авион, кој превезувал 227 патници и 12 членови на екипажот.

Во 2020 година, поранешниот австралиски премиер Тони Абот тврдеше дека од „многу, многу рано“ „највисоките нивоа“ на малезиската влада верувале дека капетанот Шах намерно го соборил авионот. Сепак, без да ги пронајдат остатоците и црните кутии, истражителите не можат со сигурност да утврдат што точно се случило.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни