Педесет и петгодишен маж од Скопје е приведен откако, според полицијата, пукал со пиштол во семејниот дом и им се заканувал на сопругата и трите ќерки.
Како што соопшти Министерството за внатрешни работи, на 6 март околу 00:40 часот полициски службеници од СВР Скопје го лишиле од слобода Б.С. (55) на подрачјето на Кисела Вода.
Според информациите, тој се сомничи дека со оружје им се заканувал на својата 48-годишна сопруга и на нивните три ќерки на возраст од 26, 24 и 18 години.
Полицијата наведува дека инцидентот започнал на 1 март, кога по претходна расправија во домот осомничениот испукал еден куршум од пиштол, кој завршил во прозорецот.
Потоа им се заканувал на две од ќерките, при што физички ја нападнал 24-годишната.
Според пријавата, насилното однесување продолжило и на 5 март околу 22:30 часот, кога повторно ѝ се заканувал со пиштол на сопругата, но овојпат бил спречен од ќерките да го употреби оружјето.
Осомничениот е задржан во полициска станица, а по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.