Селвије Мустафи е млада тетовчанка, дипломирана наставничка по англиски јазик. Во моментов е една од најистурените активисти за правата на Ромите и е дел од граѓанското движење АВАЈА. Со неа разговаравме за нејзините лични искуства, за борбата против расизмот и сегрегацијата кон Ромите, како и за новиот извор на надеж кој ромските активисти го гледаат во формирањето на Ромите за Европа, најновата организација управувана во најголем дел од Роми, а поддржана од Фондацијата Отворено општество.
Трн: Кога беше најсреќна?
Селвије: Среќните чувства/моменти доаѓаат и си одат. Среќна сум секој пат кога постигнуваме позитивни промени во заедницата (дури на локално ниво), а кои значат многу за нашите луѓе и нашата колективна борба. Многу среќна бев и кога дипломирав (2018) и кога си реков самата на себе: вредеше секој тежок миг!
А дефинитивно најсреќна бев кога бев избрана да бидам панелист со поранешниот претседател на САД- Барак Обама и после самиот панел, каде добив премногу пораки од сите мои Роми од цела Европа кои беа ептен горди и среќни.
Трн: Кој е најнепријатниот миг во твојот живот?
Селвије: Постојат доста непријатни ситуации кои сум ги доживеала во текот на животот. Се сеќавам на моменти кога се соочив со дискриминација во основно од страна на наставничка за која мислев дека ме гледа еднакво со сите останати ученици. Бев 7мо одделение и знам дека беше таков “удар” (апстрактно кажано) кога јас за прв пат покажав отпор и застанав за себе, а од друга страна беше мотив да јас станам активист и борец за мојата заеница.
Трн: Што ти е највредно од она што го поседуваш?
Селвије: Семејството е секогаш на прво место. Тоа е најголемата вредност и сржта на сето она што го поседувам.
Трн: Ромите се најмаргинализирана заедница во земјава, можеме слободно да кажеме, со векови, а ти си дел од организраниот ромски одговор и отпор кон таа состојба. Со што се соочуваш во твојата борба против расизмот и предрасудите?
Селвије: Нашата ситуација како ромска заедница не само во земјава, туку и во Европа е доста предизвикувачка и тешка од самиот почеток кога нашите предци стигнале на овој континент и кога се соочиле со насилство и непријателство. Денес нашата колективна борба кон таа состојба е се посилна и се уште тешка. Најголемата борба е политичката. Се соочуваме со политичари кои имаат слаба волја за придонес и вклучување на ромите на повисоки позиции или дури желба за разговор и преговори.
Затоа често велам, индивидуалните ситуации во борбата против расизмот некогаш може да се решат ама тие секогаш придонесуваат кон таа инситуционална и политичка борба.
Државата и тие кои ја водат треба да сфатат еден од индикаторите за подобра демократијата и просперитет лежи во унапредувањето на состојбата на ромите и нашата вклученост во економијата, политиката и во процесот на донесување на одлуки.
Трн: Кое е твоето најголемо разочарување?
Селвије: Игнорацијата и молкот на политичарите врз неправдите кои се случуваат.
Специфичен пример, во јуни, 2021 кога нашиот брат Станислав Томаш беше брутално убиен од Чешката полиција во Теплице и кога се масовно се организиравме сите роми од над 10 држави во форма на протести, а ЕУ не даде никакви напори ниту пак поддршка за случајот и покрај тоа што имаше и видео снимка од самиот момент.
Случајот честопати се споредуваше со оној на Џорџ Флојд во Америка за кои милиони во светот дадоа поддршка. Кога се во прашање Ромите тотален молк…
Трн: Беше дел од програмата на Обама фондацијата, Европски лидери. Кое е највредното знаење кое го стекна таму?
Селвије: Прекрасна програма, преголемо искуство. Таа сама по себе имаше доста работи кои за мене беа до тогаш неразјаснети, а највредно знаење беше меѓусебното како лидери од различни земји и сфери на работа и споделувањето на решенија за предизвиците со кои се соочува секој од нас. Исто така, од големо значење беа разговорите со доста политичари од кругот на екс претседателот Обама, како и дел од европските меѓу кои беше и градоначалникот на Лондон Садик Кхан.
Трн: Кога би имала временска машина, дали би отишла во мианатото или во иднината? И каде?
Селвије: Тешко прашање…
Можеби во иднината, се надевам дека сите кои се потиснати и нееднакво перцепирани ќе постојат и живеат достојно и онака како што заслужуваат.
Трн: Омилен филм , актерка , актер и зошто токму тој филм?
Селвије: Немам омилен филм, повеќе гледам серии.
Омилена актерка – нашата прекрасна Алина Шербан, моментално најактуелна меѓу ромските актерки која е пред се борец, наш пријател и добитничка на многу европски награди.
Трн: Кои се твоите очекувања од формирањето на Фондацијата „Ромите за Европа“? Има ли подобра иднина за Ромите во Европа?
Селвије: Фондацијата „Ромите за Европа“ е новиот извор на надеж за ромите. Во целиот хаос кој се случува не само во ромската туку и на меинстрим сцената, оваа фондација дава визија и заложба за подобра политика, економија, образование и култура на ромите. Со вклучувањето на оваа наша нова генерација на лидери Роми со јасно определена стратегија и финансиска поддршка, оваа фондација ќе се посвети на повисоко организирање преку тој потенцијал и ќе работи со ромски движења/групи од Западен Балкан, Источна Европа, Италија, Шпанија и Германија придонесувајќи за подобра европска иднина за Ромите, како и Европа заснована на правда и еднаквост.