Селин Дион се враќа на сцена со 10 концерти во Париз

На својот 58. роденден, Селин Дион официјално го потврди концертското враќање со 10 настапи во Paris La Défense Arena, кои ќе се одржат од 12 септември до 14 октомври.

Селин Дион во понеделникот, на својот 58. роденден, објави дека се враќа на концертната сцена со 10 настапи во Париз, со што го означува својот најголем камбек по повеќегодишната пауза поради синдромот на вкочанета личност. Концертите ќе се одржат во Paris La Défense Arena од 12 септември до 14 октомври 2026 година.

Најавата беше соопштена преку емотивно видео и дополнителна промоција во Париз, по неколкунеделни шпекулации поттикнати од тизер-плакати низ француската престолнина. Дион во пораката до обожавателите вели дека повторно пее, дека се чувствува добро и дека е подготвена да настапува.

Ова ќе биде нејзината прва поголема концертна серија откако во 2022 година откри дека ѝ бил дијагностициран синдром на вкочанета личност, ретко невролошко нарушување што предизвикува силна вкочанетост и грчеви и директно влијае врз пеењето и движењето. Поради болеста, таа беше принудена да ја прекине и откаже турнејата Courage World Tour.

Патот назад кон сцената почна да се наѕира уште со настапот на отворањето на Олимписките игри во Париз во 2024 година, кога ја изведе „Hymne à l’amour“ од Ајфеловата кула. Токму тој настап повторно ја разгоре надежта дека канадската ѕвезда се подготвува за целосно враќање.

Според официјалните информации, претпродажбата на билетите почнува на 7 април, додека редовната продажба стартува на 10 април. Резиденцијата ќе се одржи во најголемата затворена концертна арена во Европа, која собира до 40.000 посетители.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни