Канадската мегаѕвезда Селин Дион се побуни поради тоа што кандидатот за претседател на САД, Доналд Трамп неовластено го користи нејзиниот хит „My Heart will go on“ од „Титаник“.
Селин Дион и нејзината издавачка куќа „Сони“ се побунија за неовластеното користење на видео снимки, музички настап и фотографии од Селин Дион како го пее тој хит за време на предизборните митинзи на Доналд Трамп и неговиот кандидат за потпретседател Џеј Ди Венс во Монтана.
„Оваа употреба или било која слична не е одобрена од страна на Селин Дион“ напиша нејзиниот тим на Инстаграм.
Овој хит е песна за филмот на Џејмс Камерон, „Титаник“ од 1997 година, која прв пат е објавена на албумот „Let’s talk about love“. Песната стана една од најпознатите во историјата на музиката и една од најпродаваните. Благодарение на овој хит, Селин Дион освои Оскар, Златен глобус и четири награди Греми.
Извор: Н1