Враќањето на канадската музичка ѕвезда Селин Дион на сцената во Париз предизвика невиден интерес кај публиката, со побарувачка за билети која веќе се опишува како историска. Пеачката на својот 58-ми роденден најави десет ексклузивни концерти во салата La Défense Arena во Париз, кои ќе се одржат од 12 септември до 14 октомври.
Од продукциската куќа AEG Presents велат дека интересот е „лудило“ и дека вакво нешто досега не е видено. Според францускиот медиум Le Parisien, имало дури околу 9 милиони регистрации за обид за купување билети, што би можело да претставува светски рекорд.
Вкупно се пуштени околу 330.000 билети за десетте концерти, а салата прима околу 33.000 посетители по вечер, со цени од 89,50 до 298,50 евра.
Организаторите наведуваат дека системот за продажба бил под огромен притисок, но успешно го издржал напливот, вклучително и обиди од „ботови“ – автоматизирани системи кои масовно се обидуваат да купат билети за понатамошна препродажба.
Покрај огромниот интерес, вниманието е насочено и кон здравствената состојба на пејачката, која се бори со ретко невролошко заболување, синдром на вкочанета личност.
Celine Dion претходно откри дека болеста влијае врз нејзиниот глас, движење и секојдневен живот, поради што мораше да откаже дел од своите настапи. И покрај тоа, нејзиното враќање на сцената предизвикува огромна возбуда и интерес ширум светот.