Сексот можеби не е официјална дисциплина на Олимписките игри, но изгледа дека Париз се спрема за оваа активност за време на Олимпијадата. Забраната за интимност која важеше за време на Олимписките игри во Токио поради Ковид е отстранета, поради што олимпијците во Франција добија огромна бројка на средства за контрацепција.
За време на прес-конференција организаторите најавија дека ќе поделат над 200 илјади машки кондоми, 20 илјади женски кондоми и 10 илјади дентални брани (кофердам) во Олимпиското село каде што околу 14,500 спортисти и стручен кадар ќе биде сместен.
Ова е пракса на сите Олимписки игри неклку децении наназад, а најмногу средства за контрацепција беа поделени на Олимписките игри во Рио де Жанеиро во 2016 година – 450 илјади кондоми, од кои 100 илјади беа женски кондоми, што за прв пат се делеа на Олимписките игри. Дури и игрите во Токио на кои беше забранет сексот имаа 160 илјади бесплатни кондоми, со инструкции за спортистите да не ги користат, туку да ги земат како сувенири.
Олимпијадата во Токио исто така имаше и рециклирани картонски кревети, што станаа меме откако корисниците на социјалните мрежи ги нарекоа „анти-секс“ кревети, што беше негирано од страна на организаторите.
Делењето на средства за контрацепција во Олимпиското село не е новост, но тоа што е интересно е бројот на женски кондоми и дентални брани (кофердам) кои организаторите ги делат на олимпијците, бидејќи тие не се толку познати во јавноста и не е јасно колку реално се користат.
Истражувањата покажуваат дека женските кондоми не се толку популарни. Во истражување од 2006 до 2010 се покажало дека само 1,7 отсто од жените во САД помеѓу 15 и 44 години користеле женски кондом. Сепак, во одредени делови од светот тие се користат повеќе, како во Бразил и Јужна Африка. Тоа се должи пред се на кампањите и едукацијата против ширењето на ХИВ.
Денталните брани се наменето најчесто за лезбејки, но сепак и за нив постојат малку докази дека некој ги користи. Ланец на секс шопови од САД во 2019 година рекле дека продаваа помалку од 600 месечно во нивните 13 продавници и на нивната веб страница. Студија од 2010 година покажува дека помеѓу 330 австралиски жени кои имале секс со друга жена, само 2,1 отсто користеле ваква заштита.
Тогаш што се случува во Париз? Дали луѓето одговорни за набавки знаат нешто повеќе?
Експертите велат не, дека овие методи на контрацепција останваат не многу популарни, но дека тоа најмногу се должи на недостатокот на едукација и нивната цена и достапност.
Сепак, само поради тоа што овие средства за контрацепција не се многу користени не значи дека организаторите на Олимписките игри направиле грешка.
„Тоа е чекор во вистинска насока, бидејќи ја признава важноста и автономијата на жената, како и нејзиното сексуално задоволство. Женските кондоми и дентални брани, особено, се поврзани со сексуалното задоволство на жената, нешто што е табу во многу места на светот, па дури и на западот“ вели д-р Софи Кинг-Хил, професорка во Универзитетот од Бирмингем.
Организаторите на Олимписките игри се свесни за ова, па поради тоа на Олимпијадата ќе има и кампања за сексуално здравје која ќе се фокусира на задоволството, согласноста и безбедноста.
Извор: Гардијан