Секоја година околу 4 милиони девојчиња се подложени на женско генитално осакатување (FGM), а повеќе од половина од нив пред да наполнат пет години. Денес, над 230 милиони жени и девојчиња во светот живеат со трајни последици од оваа практика, додека уште 22,7 милиони се во ризик да бидат осакатени до 2030 година доколку не се преземат итни мерки. Цената на неактивноста е огромна и човечки и финансиски: здравствените системи годишно трошат околу 1,4 милијарди долари за лекување на компликациите од FGM.
Овие бројки стојат зад суровата реалност на една од најтешките повреди на човековите права во современиот свет. Женското генитално осакатување претставува намерна повреда на женските гениталии од немедицински причини, со последици што траат од детството, преку репродуктивниот период, па сè до староста.
Женско генитално осакатување – пракса што остава доживотни последици
FGM нема никаква здравствена корист. Напротив, таа предизвикува силни болки, обилни крварења, инфекции, трајни сексуални дисфункции, компликации при породување, психолошка траума, анксиозност и депресија. Во најтешките случаи, може да резултира и со смрт.
И покрај глобалните напори за искоренување, оваа практика и понатаму се спроведува во делови од Африка, Блискиот Исток и Азија, но и во мигрантски заедници ширум Европа и Северна Америка.
FGM не е „традиција“ тоа е форма на насилство врз жените и девојчињата, длабоко вкоренета во родова нееднаквост и контрола врз женското тело.
Напредок има, но тој е опасно недоволен
Податоците покажуваат дека половина од напредокот во последните 30 години е постигнат само во изминатата деценија, што докажува дека промената е можна. Но, темпото е далеку од доволно.
За да се исполни целта на Агендата за одржлив развој (SDG) до 2030 година, стапката на намалување на FGM мора да биде 27 пати побрза од сегашната. Без дополнителна политичка волја, финансирање и вклучување на заедниците, целта останува недостижна.
Инвестицијата што спасува животи
Економската логика е јасна, за секој 1 долар инвестиран во искоренување на FGM, се враќаат 10 долари корист. Инвестиција од 2,8 милијарди долари може да спречи 20 милиони случаи и да донесе 27,9 милијарди долари општествени придобивки. Целосното искоренување на FGM во 31 приоритетна земја до 2030 година би чинело 2,4 милијарди долари – далеку помалку од цената на последиците ако не се дејствува.
Ова не е само морално, туку и економски оправдана инвестиција.
6 февруари – Ден за нулта толеранција
Во 2012 година, Генералното собрание на Обединетите нации го прогласи 6 февруари за Меѓународен ден на нулта толеранција кон женското генитално осакатување, со цел да се засилат глобалните напори за елиминација на оваа практика.
Темата за 2026 година – „Кон 2030: Нема крај на FGM без одржлива посветеност и инвестиции“ – испраќа јасна порака: без континуирано финансирање и ангажман од владите, граѓанското општество, заедниците и меѓународните партнери, напредокот може лесно да се изгуби.
Улогата на УНФПА и УНИЦЕФ
Од 2008 година, УНФПА и УНИЦЕФ ја предводат Заедничката програма за елиминација на FGM – најдолгата и најголемата глобална иницијатива од ваков вид. Таа се фокусира на работа со локалните заедници, вклучување на здравствени работници, трансформација на родовите и општествените норми и зајакнување на законодавството и институциите.
Клучен дел од овој процес е вклучувањето на преживеаните, чии гласови носат вистинска промена и рушат децениски табуа.
Повик за акција: што може да се направи сега?
Обединетите нации повикуваат на конкретни чекори. Пред се интеграција на превенцијата на FGM во образовни, здравствени и економски програми, зголемување на домашното и приватното финансирање, инвестирање во податоци и истражувања за носење политики засновани на докази и користење на личното и професионалното влијание за спротивставување на практиките што ја одржуваат FGM.
На 6 февруари 2026 година, секој гест од споделена приказна до политичка одлука претставува чекор поблиску до свет без женско генитално осакатување.
Свет без женско генитално осакатување е возможен
Женското генитално осакатување не е проблем на „некои други земји“. Тоа е глобално прашање за човекови права, кое бара глобална солидарност и акција сега.
Без засилена и одржлива посветеност, бројките ќе продолжат да растат. Со инвестиции, храброст и заедничка акција FGM може да стане дел од историјата, а не од иднината.
