Даница Авсек, долгогодишен претседател на Словенија Трансплант

Секогаш сум трогната кога ги слушам приказните на донорите и на примателите на органи

Даница Авсек долгогодишната прва жена на Словенија Трансплант, деновиве е повторно во Скопје во улога на експерт и лидер на Проектот за унапредување на системот за трансплантција во земјава што се спороведува во соработка со Делегацијата на ЕУ. Со доктор Авсек зборуваме за нејзината долгогодишна работа во полето на трансплантацијата. За тоа како Словенија како мала земја успеа да стане лидер по бројот на трансплантации во Европа, за нејзините лични борби, дилеми и победи, за личните приказни за органодарувањето кои и после толку години одново ја трогнуваат, за улогата на жената во светот на медицината, но и за тоа колку е реално Македонија да го достигне успехот на Словенија и Хрватска во трансплантацијата. Разговаравме и за Скопје, градот на нејзината младост, неговите широки улици и прекрасна мешавина на различни историски периоди. Градот кои и буди носталгија додека пулсира во духот на своите различности и мешавината на култури.

Трн: Бевте долго време на чело на Словенија Трансплант и практично го подигнавте целиот систем во земјата до врвот во ЕУ по бројот на донатори и трансплантации. Кој беше најголемиот предизвик  во целиот тој процес?

Авсек: Пред да бидам именувана за директор на Словенечкиот институт за трансплантација во 2000- та година, работев како одговорен лекар во одделението за хируршка интензивна нега и како регионален координатор за трансплантација. Таму покрај редовната работа се соочуваав постојано со ненадејни загуби на млади животи и сето тоа ме погодуваше и правеше да се чувствувам немоќно. Токму поврзаноста со можноста за донирање органи и ткива и понатамошно лекување со трансплантација ми даде прозорец кон нешто позитивно. Во таа 2000-та година почнавме од темел да го градиме системот и се појавија многу предизвици во сите сегменти на работата. Често барав уникатни решенија кои беа надвор од востановените рамки на здравствниот систем, а не ретко беа и надвор од разбирањето дури и на моите колеги лекари,  па и на останатиот медицински персонал и јавноста. Голем предизвик беше и соработката со медиумите. Морав да ги научам основните правила на успешна соработка, правилната реториката и комуникациските стратегии. Посебен предизвик беше меѓународната соработка. Малите земји како Словенија мора многу внимателно да се претстават себе си на меѓународната сцена. Неколку пати сум забележала дека големите земји се самобендисани и не веруваат дека можат да се инспирираат од некои решенија на малите земји, кои пак имамат поголема транспарентност, поинтензивна соработка меѓу експертите и можеби најважно од се и поголем ентузијазам. Горда сум на нашите достигнувања, бидејќи во годините по пандемијата на Ковид, покрај Белгија и Хрватска, достигнавме близу 30 донори на милион жители. Веќе десет години сме земја со најмногу трансплантации на срце на милион жители и натпросечен успех во други програми како што се трансплантација на црн дроб, бели дробови и бубрези. Системот во Словенија е безбеден, веродостоен, доверлив. Властите во Министерството за здравство многу често не консултираат, исто и новинарите, дури и уметниците презентираат иницијативи за проекти за подигање на свеста за донирање органи и ткива по смртта.

Трн: Луѓето сакаат да слушнат убави приказни. Приказни со емпатија, љубов и хуманост, а трансплантацијата е една од тие приказни што ги надминува границите на медицината и навлегува во емотивниот дел од сите нас. Со трансплантацијата спасуваме еден или повеќе животи, но како да го спасуваме и човештвото враќајќи ја надежта во хуманоста…Зошто е тоа така?

Aвсек: Многу добро прашање. Јас сум воодушевена од овој феномен. Активноста на дарување, добивање органи и ткива и целата трансплантација е секогаш добра приказна. Сè уште сум изненадена и трогната кога ги слушам приказните на примателите на органи, нивните искуства со тешка прогресивна болест, дури и блиска смрт, а потоа за пресврт, приказните за нов роденден, за враќање во семејството и општеството. Затоа ми е многу интересна соработката со Здружението за трансплантација, тоа е многу стимулативно за мојата работа. Гестот на дарување на орган од страната на семејството на починатото лице, обично значи олеснување по тешка загуба, олеснување за време на тагувањето. Тоа е многу етички и хумано. 

Трн: Колку беше тешко да се борите со системот, колегите и веројатно со самата себе, за да го постигнете тоа што сте денес – жена која е во голема мера одговорна за градењето на системот за трансплантација во Словенија и која ја препознаваат и ценат колегите во светот?

Aвсек:Ми требаше многу енергија за да ја претставам ситуацијата, да ги презентирам моите идеи пред претпоставените во Министерството за здравство. Потребна беше доверба и трпение. Не секогаш добивав позитивен одговор. Честопати, кога се враќав од Министерството за здравство знаев дека ќе треба да се вратам со истото барање, желба, можеби неколку пати за да конечно успеам. Во мојата работа ги следев достигнувањата на организираните земји, но некои аспекти или сегменти требаше да се организираат на свој начин, на начин на мала земја. Нашата специфичност е секогаш присутна. Тука е и недостатокот на стручен кадар. Огромното мнозинство експерти се само делумно ангажирани во трансплантациските активности покрај другите обврски, па затоа е многу важна улогата на Институтот за трансплантација Словенија, кој ги поврзува донаторските и трансплантантните активности.  

Трн: Интересно е што додека бевте на чело на Словенија Трансплант, др. Мирела Бушиќ го започна системот за трансплантација во Хрватска, кој денес е еден од најуспешните не само во Европа, туку и во светот. Д-р Маја Мојсова Мијовска ова го прави во Македонија во изминатите неколку години. Како три жени успеаа да направат чудо во светот на хирургијата, која да бидеме реални, сè уште е претежно машка гранка?

Авсек: Да, интересно е како професор Танашевиќ кој во Тузла ги пречека координаторите од земјите од поранешна Југославија, не претстави нас три со зборовите дека сме елоквентни, комуникативни,флексибилни, независни и со јасна визија. Потребна е таа решителност и храброста. А ние ги имаме двете. Имам голема почит кон др. Мојсова, која првпат ја запознав кога почна да работи на овие простори. Бев изненадена колку многу таа направи сама и со помош на нејзините колешки Адријана Георгиев, др. Билјана Андоновска и уште неколку од центарот за трансплантација. Доктор Маја и нејзиниот тим се многу професионални, практични и одговорни. Со колешките Мирела и Маја ме поврзува искрено пријателство, пријатни разговори, посветеност на работата и многу убави моменти на различни професионални состаноци. Среќа е да се познаваат такви луѓе, да се работи со нив, да се споделуваат искуства. 

Трн: Што е пресудно за успех? Упорност, неоткажување, емпатија, љубов, добра лична организација?

Aвсек: Веројатно не е адекватно да се проценувам себеси. Неопходно е да се прашаат колегите за ова, но со сето ова што го споменавте би рекла дека е неопходно. Освен тоа треба да се има длабока посветеност, желба за постигнување на зацртаните цели, свесност дека можеме да се справиме со смртта и загубата, нешто што сите три многу добро го знаеме. Првите дваесет години од овој милениум беа многу поволни за брз развој во оваа област и постигнување на добри резултати како во Хрватска, така и во Словенија. Учествувавме во многу проекти во ЕУ, често со последните сили, со цел да донесеме нови знаења, нови аранжмани, но и некои финансии кои ни помогнаа доста, пооа и проширувањето на активностите за трансплантација.  

Трн: Со години работевте и како болнички координатор. Колку е тешко да поставите граница како личност, мајка и жена и како лекар кој на семејствата им ги соопштува најлошите вести и потоа зборувате за донирање органи? Дали сето тоа влијаеше на вашиот приватен живот и на вашето обликување во личноста што сте денес?

Авсек:Во првите години постојано разговарав со семејството. Морав да ја објавам веста за смртта и потоа да прашам за донацијата. Беше навистина тешко, бидејќи немав доволно познавање за техниките на комуникација и како емотивно да си олеснам по разговорот. Докторот на интензивна нега не смее загубата на пациент да ја доживува како своја загуба, бидејќи во спротивно брзо ќе изгори и нема да може да им пружи соодветна поддршка на најблиските на починатиот. Но, неопходно е да се научи како да се направи тоа. Подоцна ни беше од голема помош кога интервјуто со семејството го поделивме на два дела и со помош на колегите кои го презедоа разговорот за смртта, а јас како координатор побарав согласност за донацијата.Загубата на моите родители особено ме погоди кога морав да разговарам со моите деца. Не знаев како да им помогнам, а сакав. Приватниот живот со ваква интензивна работа секогаш губи нешто, тоа е нормално, но и добива, бидејќи со сите искуства стануваме посилни.

Трн: Веќе неколку месеци работите на Проектот за подобрување на системот за трансплантација во Република Македонија. Кои се вашите први впечатоци за луѓето со кои работите овде и за тоа што се случува на полето на трансплантацијата во оваа земја?

Aвсек:Морам да признаам дека навистина се радував на соработката, уште пред да се сретнам со целиот тим. Ме привлече сличноста меѓу Словенија и Република Македонија и знаев дека токму поради тоа можам да го споделам моето искуство и дека многу наши решенија можат да бидат корисни и за вас.

Tрн: Може ли Република Македонија еден ден да го постигне она што Хрватска и Словенија го постигнаа на полето на трансплантацијата?

Aвсек: Искрено верувам дека со реорганизација, сo поврзување на одговорните лица и со вклучување на експерти од општествените науки, ќе постигнете дополнителен напредок покрај сето она што е веќе направено. Имате одлични експерти, но дефинитивно ви треба силна организација, во која ќе работи група експерти, која се грижи за координација на национално ниво, за развој на активности, поврзаност со клиничката работа и можеби дури меѓународна соработка. Можноста за размена на органи со земјите од Евротрансплант беше голем чекор напред за нас. Последно, но не и најмалку важно, грижата за квалитетот и безбедноста расте секоја година и областа бара покрај одговорните медицински експерти да вклучиме и експерти од други општествени професии, да го уредиме финансискиот аспект покомплексно. Нашиот Институт вработува 10 постојани стручни лица, кои се занимаваат со работата на институтот и околу 100 луѓе кои ја вршат работата на националните координатори или други високоспецијализирани работи. Јавната промоција на активностите за донација и трансплантација е исто така важна. Луѓето мора да бидат информирани, но клучот за спроведување на активностите е работата во болниците, поврзувањето на одговорните медицински професионалци, континуираната едукација, бидејќи знаењето и луѓето често се менуваат. Сè уште е потребен ентузијазам и покрај фактот што развојот носи повеќе рутина и сè поригидна структура на организациски и бирократски аспекти. 

Трн: Велите постојано дека сте среќна кога ќе дојдете овде. Што е тоа што го прави престојот во Скопје за Вас посебен?

Aвсек:Така е, секогаш кога со радост го очекувам моето доаѓање во прекрасната Република Македонија и со нетрпение очекувам да разговарам со колегите од проектот на ЕУ за Развојот на трансплантацијата во Република Северна Македонија. Со нетрпение го очекувам и Скопје со неговите широки улици, прекрасна мешавина на различни историски периоди и носталгија за времето на мојата младост. Градот со пулсот на различностите и мешавината на културите. Последно, но не и најмалку важно, сакам да ги видам местата кои ги гледам во промотивните материјали за Скопје, кои се убави, полни со свежина и каде што можете да уживате во енергија и релаксација. 

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Најново

Последни колумни