Секое напуштено место носи со себе приказна, историја која се чини дека замрзнала во времето

Ве водиме на фасцинантно патување низ историјата со приказни за напуштени објекти во Македонија! Со повеќе од 500 поста и преку 6000 активни следачи, инстаграм профилот https://www.instagram.com/abandoned_macedonia/ ви нуди ексклузивен поглед во светот на заборавените места. Како вистински детектив на историјата, креаторот на овој профил, Мариана Цветкоска, го открива магичното во оставеното, ве запознава со објектите кои се скриени под патина на времето, и ви претставува досега нераскажани приказни. Секоја фотографија е една лична и временска капсула. Сон и е да го посети Чернобил, а нашите заборавени места се шерувани и на светски страници за напуштени објекти благодарение на Мариана

Трн: Од кога постои профилот на Инстаграм?

Мариана: Профилот на инстаграм постои од 2020 година.

Трн: Бројка од 500 поста е сериозна бројка и реферира на нашето богато минато но, и на големи промени во однос на градбите, населувањето и раселувањето. Географски дали можеш да кажеш каде најмногу има вакви објекти и што мислиш која е причината?

Мариана: Централна, Југозападна, Источна Македонија. Причина е миграцијата на населението село – град, поради социо-економски причини. Во иднина веројатно за жал и во други реони.

Трн: Како дојде до идеја да го правиш ова, да доументираш напуштени објекти?

Мариана:  Од секогаш ме привлекувале напуштени куќи и места. Самата помисла дека зад секое место се крие приказна која ја објаснува денешната состојба и слика на истата, отсекогаш будеше интерес и возбуда кај мене. Тој интересе или таканаречената пасија да се дојде до вистинската приказна, беше пресуден во мојот избор на студии, на Факултетот за Безбедност – Криминалистика во Скопје, а најпосле и во изборот на ова хоби.

Трн: Дали ти е страв кога одиш на терен да ги фотографираш? Дали влегуваш внатре во објектите?

Мариана: Не постои страв во мене, само возбуда и адреналин кога ги посетувам објектите. Иако поради дотраеност на постои ризик за рушење на делови од нив. Секаде каде што е можен пристап и каде што е дозволено од аспект на имотно правните односи.

Трн: Кој објект најмногу те изненадил, а од кој најмногу те полазиле морници?

Мариана: Најмногу ме изненади одмаралиштето Треска – Радожда, а најмногу ме имаат полазено морници кога бев да ја посетам големата зелена куќа налик на замок во Црниче. Пред се поради приказната која стоеше зад таа куќа. За жал веќе е срушена, а добра би била за снимање на хорор филмови. (smiley)

Трн: Си нашла ли некој интересни предмети по објектите?

Мариана: Кога влегувам во напуштени куќи најчесто наоѓам стари слики, документи, книги, кујнски прибор, газиени ламби, радиа итн.

Трн: Што те фасцинира најмногу при оваа работа?

Мариана: Ме фасцинира тоа што секој објект си има една своја приказна, која што ме воодушевува и предизвикува да истражувам подлабоко и да откривам нови нешта во оваа работа. Исто така возбудливо е да се полувствува енергијата на местата кои некогаш во минатото биле полни со живот, а сега се оставени на забот на времето.

Трн: Дали следиш странски профили, јутјуб канали и слично и кои? По што се разликуваат од твојот профил?

Мариана: Следам многу странски профили и јутјуб канали кои секојдневно ме инспирираат а тоа се следните: #abandoned_urbex_ni, #all_is_abandoned, #abandoned_places, #wildabandoned, #chernobyl_1986, #carteurbex,   и shiey го следам на јутјуб.  Единствената работа од која се разликуваат од мојот профил е тоа што имаат поголеми технички можности да влегуваат во непристапни објекти. Секако имаат и финански средства и  опрема.

Трн: 500 поста, над 6000 следачи кои активно те следат и ти праќаат свои фотографии. Дали можеби си размислувала за некој вид подлабока соработка со сите оние кои имаат пасија за ова?

Мариана:  Искрено многу се радувам што бројката на следбеници од ден на ден расте. Супер е тоа што луѓето често ми праќаат слики и на некој начин се интересираат за мојот профил. Доколку ми излезе шанса и прилика за соработка радо би ја прифатила. Ги охрабрувам сите ентузијасти кои имаат пасија кон напуштени места, слободно да ме контактираат во секое време. Па можеби некогаш би излегло некаква интересна приказна од сето ова.

Трн: За што сонуваш?

Мариана:  Сонувам еден ден да ги видам сите овие руинирани објекти вратени во првобитната состојба.

Трн: Што би сакала да посетиш во иднина и кој ти е најголемиот предизвик?

Мариана: Во иднина сакам да го посетам Чернобил – Припјат, Украина местото на најголемата нуклеарна катастрофа во светот. А најголем предизвик е тоа што сакам да појдам во Јапонија да го посетам напуштениот резорт Hachijo Oriental Resort, како и многу што се во територијата на САД.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни