Кафето е едно од најпопуларните пијалаци на светот, но нејзиното влијание на здравјето често предизвикува дебати. Истражувањата сè повеќе укажуваат на неговите потенцијални бенефити, како што се заштита од хронични болести и поддршка на здраво стареење, но умереноста е клучна.
Прегледот на повеќе од 50 студии за кафето, објавен минатиот месец во научниот часопис Ageing Research Reviews, открил дека редовното пиење кафе може да го продолжи животниот век за 1.8 години.
„Кафето не е само поврзано со подолг живот, туку и со поздраво стареење“, изјавил Родриго Кунја од Универзитетот во Коимбра, пишува Newsweek.
Иако кафето најчесто се поврзува со кофеин, истражувањата сè повеќе нагласуваат повеќе од 2000 други соединенија во кафето, како што се полифеноли, кои делуваат како антиоксиданси и противвоспалителни материи и го намалуваат оксидативниот стрес. Полифенолите се наоѓаат и во намирниците како што се зелениот зеленчук, бобичастото овошје, темната чоколада, маслиновото масло, зелениот чај и црвеното вино.
Анализата покажала дека умереното консумирање кафе (три до пет шолји дневно) може да го продолжи животниот век и да го намали ризикот од болести поврзани со стареењето, како што се срцевите и белодробни болести, мозочен удар, некои видови на рак, дијабетес, деменција и депресија. Исто така, кафето е поврзано со подобро здравје на мускулите, срцето, умот и имунолошкиот систем.
„Анализата покажува како редовната, умерена консумација кафе може да ги ублажи биолошките механизми на стареење кои предизвикуваат здравствени проблеми“, напомена Кунја, додавајќи дека е потребно подобро да се разберат како тие механизми функционираат, како и кои поединци би можеле да бидат биолошки предиспонирани да извлечат најголема корист од кафето.
Авторите напоменаа дека позитивните ефекти на кафето се мали и дека прегледот, заснован на опсервациски студии, не може да го исклучи влијанието на надворешни фактори како што е социоекономскиот статус.