Незаразните болести остануваат водечка причина за смрт и инвалидитет во Европа, каде што 20 проценти од мажите и 10 проценти од жените умираат пред 70-годишна возраст, објави Светската здравствена организација (СЗО).
Во европскиот регион, 1,8 милиони луѓе умираат секоја година од кардиоваскуларни заболувања, рак, хронични респираторни заболувања, дијабетес и слични болести. Овие смртни случаи можеле да се спречат со ефикасни мерки за јавно здравје или да се третираат со навремен пристап до квалитетна здравствена заштита, истакна СЗО.
Од тие смртни случаи што можат да се избегнат, 60 проценти се поврзани со причини како што се пушење и алкохол, висок крвен притисок, нездрава исхрана, дебелина и недоволна физичка активност, кои можат да се решат со посилни политики за јавно здравје.
Останатите 40 проценти можеле да се спречат или одложат со навремена дијагноза и пристап до квалитетна здравствена заштита.
„Незаразните болести не само што можат да се спречат и лекуваат, туку и во голема мера се игнорираат“, рече регионалниот директор на СЗО, Ханс Клуге.
„Откривме дека речиси два милиони смртни случаи годишно би можеле да се избегнат со подобра превенција или третман, заштедувајќи милијарди долари трошоци за здравствена заштита… Имаме моќ и алатки да ги промениме работите“, рече тој.
Разликите меѓу земјите во Европа се намалија од 2010 година, но сè уште се изразени, известува СЗО.
Факторите на ризик што можат да се спречат, како што се пушењето, дебелината, високиот крвен притисок и дијабетесот, се во пораст и се повеќе се концентрирани во Источна Европа.
Европскиот регион што го споменува СЗО ги вклучува Русија, Украина, Турција и земјите од Централна Азија.