Search

Секој трет млад човек искусил родово стереотипно однесување, а почесто родовите стереотипи ги искусуваат младите жени

Проектот „Еднакви можности за девојчиња и млади жени во Северна Mакедонија“ спроведен од Националниот младински совет на Македонија – НМСМ / NYCM / KRNM и Stella Network, со финансиска поддршка од Британската амбасада во Скопје (British Embassy Skopje), носи свежа енергија во борбата за родова еднаквост. Со цел да ги отстрани пречките и стереотипите, овој проект ги отвора вратите за девојчињата и младите жени кон нови предизвици и успеси. Клучните активности се прилагодени за да инспирираат и мотивираат. Програмите за менторство и кариерен развој, како и кампањата „Биди чудо од девојка“, обезбедуваат насоки и поддршка на секој чекор од патот. Оваа кампања, врамена во поширокиот проект за еднакви можности, има за цел да ги инспирира младите жени и девојки да ги надминат стереотипите и да го постигнат својот целосен потенцијал.

Приказната за Рајна Алексова, првата жена фармацевтка во Македонија, која со своето образование, знаење и труд отворила можности за девојките и жените во оваа професија. Потоа Вера Ацева која преку својот ангажман и борба придонела жените во нашето општсество да бидат дел од донесувачите на одлуки и Невена Георгиева – Дуња, првата македонска партизанка, која на само 16 години се придружува на партизанскиот одред се голема мотивација за девојките и жените сега за да се охрабрат да ги исполнат своите соништа и да одат напред!

Оливер Андреевски

Трн: Како дојдовте до идејата за проектот „Биди чудо од девојка“?

Оливер: „Биди чудо од девојка“ е кампања во рамки на проектот Еднакви можности за девојките и младите жени во Северна Македонија, кој го спроведуваат Национален младински совет на Македонија во партнерство со Мрежа Стела, а финансиски поддржан од Британска амбасада во Скопје. Извештајот на Обединетите Нации за глобални трендови за вработување од 2022 година, покажува дека момчињата имаат 1,5 пати повеќе шанси да бидат вработени од девојчињата. Понатаму, други релевантни истражувања, кои може да се прочитаат во целост на нашите веб страни, покажуваат дека на младите девојки во нашата држава им е потребна поддршка за да можат да го остварат својот целосен потенцијал. Инспирацијата за слоганот дојде од жените од историјата, кои со своите чуда направиле многу за благосостојбата на жените и општеството во целина, па сакаме да им покажеме на сите девојки и млади жени дека сите нивни мали или големи успеси се чуда кои придонесуваат за развој на општеството.

Трн: Колку приказни и колку жени од историјата на Македонија ќе бидат вклучени во овој проект?

Оливер: Во кампањата се вклучени 16 жени од македонската историја кои се значајни за целокупниот развој на нашата држава.

Трн: Како ги избравте жените чии приказни ќе бидат дел од проектот?

Оливер: Ние не сме првите кои се сетиле на чудата од жени од историјата, па преку анализа на постоечката литература и вклучување на литературни трудови дојдовме до значајни податоци за овие жени. Инспирирани од нивната борбеност и бунтовност во нивното време, ги издвоивме оние кои носат инспирација за денешните млади девојки и жени.

Трн: Како планирате да ги мотивирате младите жени и девојки да учествуваат и да се инспирираат од овој проект?

Оливер: Главниот слоган на кампањата е „Биди чудо од девојка“, но нас не интересира кои се најсекојдневните чуда на девојките и младите жени кои се насекаде околу нас, а кој им го прават денот и животот поубав. Затоа, секаде каде што ќе ги сретнеме онлајн или офлајн, ги прашуваме „Кое е твоето чудо?“, а тие на веб страната tvoetochudo.mk можат да ги споделат своите чуда, анонимно или со име и презиме. Во иднина, нивните чуда ќе инспирираат други девојки да прават, создаваат чуда и да бидат чудо од девојки во нивните заедници.

Трн: Кои активности и настани се предвидени во рамките на проектот „Биди чудо девојка“?

Оливер: Освен онлајн кампањата, продолжуваме со програмите за менторство и кариерно советување, каде девојките и младите жени можат да се пријават и бесплатно да добијат ментор/ка или кариерен/на советник/чка кој/а ќе ги води низ процесот на себенасочување на сопствениот личен и кариерен развој. Понатаму, преку исцртување на мурали, театарска претстава, интерактивна огра votugjichevli.mk и повик за стрипови кој е се уште активен ќе работиме на подигање на свеста за родовата еднаквост во нашето општество. Креиравме игри со картички кој ќе бидат доставени во младинските центри низ целата држава и изложба со жени од историјата која ќе патува на различни настани со цел да ги инспирира девојките и да создава критична маса која ќе пркоси на нееднаквостите и дискриминацијата во општеството.

Трн: Дали сметате дека постои родова дискриминација во Македонија? Ако да, во кои области е најизразена?

Оливер: За да можеме да зборуваме дека навистина постои родовата дискриминација, изработивме Анализа на родовите (не)еднаквости низ призмата на младите луѓе во Северна Македонија и клучните наоди кој што ја потврдуваат тезата дека родовата дискриминација постои, кажуваат дека повеќе од 90% од младите слушнале за терминот родова еднаквост, но сепак не се доволно запознаени со неговото значење. Младите родовите стереотипи најчесто ги гледаат во кругот на семејството, на социјалните медиуми и во образовните институции.

Трн: До кои анализи и статистики дојдовте при подготовката на проектот? Кои се најзначајните наоди?

Оливер: Од клучните наоди од анализата би издвоиле дека свеста за родовата стереотипизација е развиена кај младите. Соодносот на млади лица кои сметаат дека во Северна Македонија постојат родови стереотипи, наспорти оние кои се убедени дека не постојат или не ги препознаваат е 3 наспрема 1. Секој трет млад човек лично искусил родово стереотипно однесување и негативни влијанија од него, а почесто родовите стереотипи ги искусуваат младите жени. Целосната анализа може да се види на nms.org.mk или на mladihub.mk.

Трн: Кои се вашите долгорочни цели со овој проект? Што сакате да постигнете?

Оливер: Долгорочните цели на проектот вклучуваат  зголемување јавната свест за родовата еднаквост помеѓу младите жени и девојките, нивно охрабрување да се стремат кон еднаков статус во општеството, промовирање на родово сензитивно во креирање на политики, како и нивно оснажнување младите девојќи и жени за да го остварат својот целосен личен и професионален потенцијал.

Трн: Што би порачале на младите девојки кои сакаат да направат промена и да остават свој печат во општеството?

Оливер: Да ги препознаваат и слават сите свои мали чуда кои ги прават секојдневно, да продолжат да создаваат чуда и да бидат чудо од девојки!

Најново

Последни колумни