Според една нова студија, светот во 2022 година изгубил недопрени прашуми со големина еднаква на Швајцарија. Околу 4,1 милиони хектар недопрена прашума исчезнале – делумно уништени од пожари, но главно поради човечки активности како што е сечењето на шумите.
Според пресметката на Светскиот институт за ресурси од Вашингтон, која беше објавена минатиот вторник, се проценува дека секоја минута исчезнува шума со површина од 11 фудбалски игралишта.
Тропите изгубиле 10% повеќе примарни прашуми во споредба со 2021 година, велат од Институтот и додаваат дека темпото на уништување е немилосрдно.
Прашумите, односно природните шуми кои се недопрени од луѓе се од витално значење за зачувување на биодиверзитетот и чистење на јаглерод диоксидот од воздухот.
Бразил е најпогоден од ова уништување на шумите, каде што се уништени шуми кои сочинуваат 43% од вкупната глобална загуба, а потоа следуваат Демократска Република Конго со 13%, па Боливија со 9%. Во Бразил сечењето на шумите постојано се влошуваше за време на претседателот Хаиро Болсонаро и годишно се зголемуваше за по 15%. Во времето на Болсонаро бразилската администрација ги затвораше очите пред илегалното сечење и ја укина еколошката политика на земјата.
Неговиот наследник, претседателот Луиз Инасио да Силва, кој ја презеде функцијата во јануари годинава, вети дека ќе стави крај на уништувањето на бразилските прашуми до 2030 година. Меѓутоа, експертите веруваат дека ќе мора да совлада многу предизвици за да го оствари тоа.
Научниците стравуваат дека басенот на Амазон поради климатските промени и сечењето на шумите со тек на време ќе се претвори во савана. Таквата промена би ја пореметила климата во Јужна Америка и во целиот свет.
Во Конго, пак, се уништени над половина милион хектари шуми главно поради земјоделство и производство на дрвен јаглен за домаќинствата, од кои 80% немаат струја. Конго во 2021 година потпиша договор вреден половина милијарда долари за заштита на прашумите во басенот на Конго, но беше поткопан со неодамнешниот владин конкурс за нафтени дозволи.
Боливија е на трето место со 32% повеќе исечени прашуми во споредба со 2021 година. Голем дел од тие шуми се во заштитени подрачја. Производството на какао, ископувањето злато и пожарите се главните причини, според научниците.
Извор: zimo.dnevnik.hr