Истражувањето, засновано на податоци од НАСА мисијата „InSight“, открива дека сеизмичките бранови значително се забавуваат во слојот меѓу 5,4 и 8 километри под површината, што укажува на постоење на порозни карпи исполнети со течна вода – слично на подземни водоносни слоеви на Земјата.
Каде исчезнала водата од Марс?
Пред милијарди години, Марс бил планета со реки, езера и мориња. Но, со ослабувањето на магнетното поле и разредувањето на атмосферата, водата исчезнала – дел испарил во вселената, дел се замрзнал во поларните капи, а дел останал заробен во минерали. Сепак, овие процеси не ја објаснуваат целосно количината на исчезната вода. Научните пресметки покажуваат дека недостига доволно вода за да се покрие планетата со глобален океан длабок 700 до 900 метри.
Една хипотеза сугерира дека водата се исцедила длабоко во кората преку пукнатини создадени од метеорски удари. Длабоко под површината, зголемената температура може да ја задржи водата во течна состојба.
Како е откриена водата?
Сондата „InSight“ на НАСА, која слета на Марс во 2018 година, со помош на суперосетлив сеизмометар ги регистрираше вибрациите предизвикани од два метеорски удари во 2021 и еден марсовски земјотрес во 2022 година. Овие настани испратија сеизмички бранови низ внатрешноста на планетата, кои открија слој со забавено движење на вибрациите.
Научниците сметаат дека овој слој се состои од многу порозни карпи исполнети со вода, како влажен сунѓер. Според пресметките, овој подземен резервоар може да содржи доволно вода за да ја покрие планетата со океан длабок од 520 до 780 метри – што е повеќе вода од таа во антарктичкиот мраз на Земјата.
Што значи ова за иднината?
Ова откритие не само што ја решава загатката за „исчезнатата“ вода, туку отвора и можности за постоење на микробен живот во подземни резервоари. За идните мисии и човечко присуство на Марс, овие ресурси може да обезбедат вода за пиење, кислород, па дури и гориво за ракети.
Иако бушењето километри длабоко во друга планета е огромен технолошки предизвик, постојат индикации дека и на помали длабочини – особено во регионот Утопија Планитија – може да има зони богати со замрзнато калливо тло и потенцијални водни извори.