Соединетите Американски Држави и Украина потпишаа договор со кој Вашингтон добива пристап до дел од природните ресурси на земја разурната од војната. Договорот, кој се подготвуваше со месеци, воспоставува инвестициски фонд за обнова, за кој Украина верува дека ќе ја зацврсти американската поддршка во третата година од отпорот кон руската агресија.
BBC имал увид во нацрт-договорот, но не и во неговата конечна верзија. Врз основа на тој нацрт и изјавите од Киев и Вашингтон, следуваат седумте најважни точки:
1. Украина нема да мора да враќа никаков долг на САД
Претседателот Доналд Трамп претходно бараше Украина да врати 350 милијарди долари, колку што, според него, изнесува американската воена и финансиска помош од почетокот на војната. Украинскиот претседател Володимир Зеленски го одби тој услов. Сепак, Вашингтон попушти. Украинскиот премиер Денис Шмигал изјави дека договорот не предвидува никаква обврска за отплата на тој „долг“.
Трамп го претстави договорот како победа за САД, тврдејќи дека „теоретски ќе добијат многу повеќе“ отколку што претходната администрација вложила.
2. САД користат поостар тон кон Русија
Американската администрација употреби значително поостар јазик отколку претходно. Министерството за финансии ја нарече војната „целосна руска инвазија“ и додаде: „Ниту една држава или поединец кој го финансирал или снабдевал рускиот воен апарат нема да има корист од обновата на Украина.“
Овој тон веројатно ќе го охрабри Киев, кој долго инсистираше на поцврст притисок врз Москва.
3. Договорот ги опфаќа и проектите за нафта и гас
Иако јавноста најмногу зборува за минералните богатства на Украина, договорот вклучува и нови проекти поврзани со нафта, гас и соодветната инфраструктура.
Во сите случаи, сопственоста останува украинска, но САД ќе имаат заеднички пристап. Ова се смета за ублажување на претходниот став на Киев.
4. Договорот не го попречува пристапувањето на Украина во ЕУ
Постоеја стравувања дека американските инвестиции може да го закомплицираат процесот на пристапување во Европската унија, особено ако добијат повластен статус. Сепак, во договорот стои дека САД ја признаваат намерата на Украина да стане членка на ЕУ и се обврзуваат дека тоа нема да биде попречено. Ако Украина мора да ги ревидира условите заради обврски кон ЕУ, САД ќе преговараат „во добра волја“.
5. Добивката првите 10 години ќе се реинвестира во Украина
Целиот профит што ќе се оствари во првите десет години од фондот за обнова ќе се вложи назад во украинската економија. Тоа значи дека САД нема веднаш да имаат финансиска добивка, но Украина очекува дека сите средства ќе одат за обнова и нови проекти. По тие десет години, добивката ќе се дели меѓу партнерите. Американскиот министер за финансии Скот Бесент изјави дека договорот „му испраќа порака на американскиот народ дека имаат можност да бидат партнери во успехот на украинскиот народ“.
6. Американската воена помош повторно е на маса
Договорот се прикажува како предуслов за обновување на американската воена помош за Украина.
Првата заменичка на украинскиот премиер, Јулија Свириденко, која отпатува во Вашингтон за потпишување на договорот, изјави дека истиот предвидува нова поддршка, вклучително и системи за противвоздушна одбрана.
Ова би можело да биде пресврт во политиката на Трамп, кој досега се залагаше за намалување на помошта. Засега нема официјална реакција од Москва.
7. САД сепак можат да се повлечат во секое време
Договорот не содржи обврзувачки безбедносни гаранции од САД – нешто што Украина и нејзините европски сојузници одамна го бараат. Американската поддршка во овој договор е условена исклучиво со економските одредби, што оставa простор за несигурност во однос на долгорочната посветеност на Вашингтон.
Бидејќи договорот не вклучува отплата на долг, предвидува реинвестирање на добивката, не го попречува патот кон ЕУ и повторно ги отвора вратите за американска воена помош – сето тоа без отстапки кон Москва, која се соочува со поостар став од САД – Киев навистина има причина за задоволство, особено во споредба со претходните, многу понеповолни предлози.