Во дигиталната ера и сè поголемата употреба на вештачка интелигенција, алатки како ChatGPT стануваат сè поприсутни во секојдневието. Ги користиме за информации, пишување е-пошта, па дури и за донесување важни одлуки. Но, колку и да е корисна, вештачката интелигенција носи свои ризици – особено кога станува збор за заштитата на лични и доверливи информации.
Безбедносните експерти предупредуваат: при користење на AI алатки, корисниците често несвесно споделуваат чувствителни податоци кои никогаш не би ги кажале на непознати. Ако не би му ги откриле на случаен минувач, зошто би ги внеле во chatbot?
Во продолжение – седум типа информации кои не треба да ги внесувате во ChatGPT или слични AI алатки:
Лични податоци
Не споделувајте име и презиме, адреса, матичен број, број од лична карта или пасош, ниту фотографии од овие документи. Ако правите биографија (CV), подобро е да побарате шаблон, а податоците да ги пополните локално.
Финансиски информации
Броеви на картички, банкарски сметки и лозинки за електронско банкарство се строго доверливи. Ако барате финансиски совет, користете фиктивни податоци.
Лозинки
Никогаш не внесувајте лозинки – исто како што не би им дале клучеви од вашиот дом на непознат.
Доверливи или интимни информации
Не споделувајте приватни детали – за себе, семејството или колегите. AI не е психотерапевт, ниту пријател.
Професионални и бизнис информации
Избегнувајте внесување документи од работа, договори, прототипи, деловни планови и чувствителни податоци од компанијата. Многу фирми веќе забранија користење AI алатки на службени уреди токму поради ова.
Експлицитна или незаконска содржина
Шеги или провокативни прашања („како да се ослободиш од некого“) можат да се протолкуваат како закана и да бидат пријавени. AI модели имаат системи за откривање ризични прашања.
Медицински податоци
Не внесувајте дијагнози, лабораториски резултати или имиња на лекови. Поставете генерализирани прашања – на пример: „Кои вежби се добри за болки во грбот кај мажи над 30 години?“
Златно правило:
Ако не би сакале некој да го прочита вашето прашање јавно, не го внесувајте ни во AI. Заштитата на приватноста е ваша одговорност.