Седум продолжени викенди ги очекуваат граѓаните во 2026 година

Со распоредот на државните и верските празници, 2026 година носи седум продолжени викенди за сите граѓани, а уште неколку дополнителни за одделни верски и заеднички групи.

Во 2026 година граѓаните на Македонија ќе имаат вкупно седум продолжени викенди, благодарение на начинот на кој се распоредени неработните денови согласно Законот за празниците. Од вкупно 11 неработни денови што важат за сите граѓани, најголем дел паѓаат во петок или понеделник, или пак во недела, по што автоматски се префрлаат како слободен ден во понеделник.

Првиот продолжен викенд во годината е поврзан со Рамазан Бајрам, кој во 2026 година се паѓа на 20 март, во петок. Следува априлскиот продолжен викенд за Велигден, кога 13 април, понеделник, е неработен ден за сите граѓани, а 10 април, Велики петок, е слободен ден за граѓаните од православна вероисповед.

Продолжен викенд ќе има и за 1 Мај – Денот на трудот, кој се паѓа во петок, како и за 24 Мај – Денот на сесловенските просветители „Св. Кирил и Методиј“. Иако празникот е во недела, согласно законот, неработен ден ќе биде понеделник, 25 мај.

Во август, продолжениот викенд е поврзан со 2 Август – Денот на Републиката, кој во 2026 година се паѓа во недела, па неработен ден ќе биде понеделник, 3 август. Слична е ситуацијата и во октомври, кога Денот на народното востание, 11 октомври, е во недела, а понеделникот, 12 октомври, ќе биде неработен. Дополнителен продолжен викенд следува и на 23 октомври, Денот на македонската револуционерна борба, кој е во петок.

За граѓаните од православна вероисповед, 2026 година носи уште неколку дополнителни продолжени викенди, бидејќи празниците Богојавление – Водици на 19 јануари, Духовден на 29 мај и Успение на Пресвета Богородица на 28 август, сите се паѓаат во петок.

Покрај продолжените викенди, во текот на годината има и неработни денови што не се поврзуваат со викенд, како 1 јануари – Нова година, 7 јануари – Божик, 8 септември – Денот на независноста и 8 декември – Денот на „Св. Климент Охридски“, кои се паѓаат во работни денови. За православните граѓани, неработен ден е и 6 јануари – Бадник, кој е во вторник.

Законот за празниците предвидува и посебни неработни денови за граѓаните од различни вероисповеди и заедници, меѓу кои се Велигденските празници за католиците, Курбан Бајрам за муслиманите, како и празници поврзани со националните заедници во земјата. Со ваквиот распоред, 2026 година нуди повеќе можности за одмор, патувања и планирање на подолги паузи од работните обврски.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни