Активни пожари има во Василево, Радовиш и Берово – село Нивичино, на планината Голем Готен и Малешевските планини, каде што гори нискостеблеста шума, смрека, грмушки и ниска вегетација. Се гаси и пожарот кај прилепско Бешиште (место викано Бешишки Рид), крак кон село Градешница, потоа помеѓу селата Церово и Групчин во општина Желино, и во реонот на Македонски Брод (Локвица – Крапа, Грешница, Латово и Црешнево), каде што гори деградирана шума, сува трева и ниска вегетација.
Пожарите кај селата Царевиќ и Смолани (Прилеп), Латово – Маркова Стапалка (Македонски Брод) и меѓу селата Драгоево и Селце на планината Серта (Штип) се ставени под контрола, а целосно изгаснати се пожарите кај далеководите во Чучер Сандево и во селото Речица (Куманово).
Под контрола е и пожарот на планината Готен од беровската страна, каде што, според командирот на ТППЕ – Берово, Димитар Гошевски, на терен се пожарникари, вработени од ЈП „Национални шуми“ и доброволци.
Во борбата со огнената стихија се користат и пренаменети воени возила, но се појавија сериозни технички проблеми. Станува збор за старите оклопни транспортери „БТР 70/80“, „хермелини“ и „пинцгауери“, на кои беа инсталирани посебни резервоари за вода. Иако беа извадени од магацините и адаптирани за гаснење пожари, на терен се покажаа како ненадежни – особено „пинцгауерите“, кај кои возачите се пожалија дека не држи рачната сопирачка, ламелата страда, а педалата за гас често заглавува. Едно такво возило во дефект било дури и дел од сообраќајна несреќа при транспорт.
За состојбата со овие возила потврда даде и директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов:
„Да, има проблем со ‘пинцгауерите’, страда ламелата. Ги предупредуваме возачите да користат редуктори. Возилото има нормална и ‘спора’ брзина за стрмен терен, со поголема моќ и помала брзина – треба само да се вклучи редукторот. Нема голема филозофија“, изјави Ангелов во телевизиско интервју, повикувајќи се на своето искуство во „Лавови“ и „Тигри“.
Директорот Ангелов повторно ги повика сопствениците на викендички и куќи во периферните населени места да ги исчистат дворовите и околината од сува вегетација за да се намали ризикот од ширење на пожарите.
„Апелираме до сите што имаат објекти во рурални или запоставени места, како и до жителите на крајните куќи во населбите, да расчистат. Нека се изора со мотокултиватор или трактор, нека се одржува тревата зелена – ако е можно – и нека има појас без вегетација надвор од дворот. Огнот може да стигне до секој“, предупреди тој.
Владата најави дека ќе вработи 400 привремени пожарникари. На јавниот повик се пријавиле околу 500 лица, но во Скопје од потребни 80 се пријавиле само 50. Во Куманово меѓу 44 пријавени има и две жени. Од Центарот за вработување велат дека интересот бил солиден уште од првиот ден.
Во меѓувреме, кумановската градска депонија „Краста“ беше целосно санирана по самозапалување во горниот слој. Според директорот на ЈП „Чистота и Зеленило“, Ненад Стојановски, пожарот бил изгаснат за два и пол часа со затрупување и асистенција од општествено одговорни компании.
Поради пожарите, граѓаните во повеќе региони дишат загаден воздух. Во Скопје, ситуацијата дополнително се влоши кога изби пожар на депонијата за хаварисани возила. Министерот за животна средина, Изет Меџити, прашан за квалитетот на воздухот, изјави дека решението се гледа во гасификацијата:
„Со турската компанија потпишавме меморандум за гасификација на целата држава – проект вреден милијарда евра, кој ќе влијае 50 до 70 % на подобрување на квалитетот на воздухот. Дополнително, 500.000 евра се издвоени за чистење диви депонии во Никуштак и Кочани“, изјави Меџити. Тој најави и преговори со англиска компанија за расчистување на опасниот отпад во Југохром и Лојане.
Извор: Plusinfo