Партијата Алтернатива за Германија (AfD) покрена внатрешна истрага за да утврди дали кандидатите на партијата за локалните избори во германската покраина Северна Рајна-Вестфалија починале од природна смрт или не.
Во рок од помалку од еден месец, дури седум кандидати на AfD починале, што во некои случаи ги принудило изборните комисии да печатат нови гласачки ливчиња.
Сопретседателката на AfD, Алис Вајдел, изјави дека мора да биде „многу внимателна“ кога зборува за оваа тема, бидејќи „во Германија ќе ја прогласат за теоретичар на заговори“ ако само ја спомене статистичката неверојатност на ваквиот настан.
„Спроведуваме внатрешна истрага. Контактирани се семејствата по телефон бидејќи сакаме да добиеме прецизни информации за тоа што се случило. Имаме, меѓу другото, и еден случај на самоубиство… а за некои од кандидатите се вели дека претходно имале здравствени проблеми“, рече Вајдел.
Според Вајдел, седум смртни случаи се нешто што мора внимателно да се испита.
Роланд Штeфе, портпарол на окружната канцеларија на AfD во Зиген-Витгенштајн, потврди дека партијата спроведува своја истрага за случаите.
„Жал ми е за ситуацијата, овие колеги беа добри луѓе кои се бореа за нашата земја – некои од нив ги познавав лично“, изјави Штефе за RT.
Тој додаде дека не е невозможно да се работи за случајност, но дека тоа е „статистички помалку веројатно отколку да се добие на лотарија“ – што се проценува како еден случај на 144 милиони.
AfD сепак планира да предложи нови кандидати за овие локални позиции, така што трагичните смртни случаи не треба да имаат негативно влијание врз изборните резултати.
Во Северна Рајна-Вестфалија живеат околу 18 милиони луѓе, а се очекува 20.000 кандидати да учествуваат на локалните избори на 14 септември.
Истовремено, анкетите во Германија покажуваат драматичен пораст на популарноста на AfD во споредба со владејачките коалициски партии. Во покраината Саксонија-Анхалт, според последните анкети, AfD ужива поддршка од 39%, повеќе отколку CDU (27%) и SPD (7%) заедно. Сепак, изборите таму се закажани дури за следната година.