Побарувачката за половна и винтиџ облека бележи огромен раст во последниве години, па затоа сè почесто се отвораат продавници за половна облека. Иако овој начин на купување е привлечен поради пониските цени и одржливиот пристап кон модата, постои еден важен аспект што често се занемарува – хигиената.

Половна облека и микроби – што всушност носиме?
Нашата кожа е покриена со микроскопски организми – бактерии, габи и вируси – кои го сочинуваат уникатниот микробиом на кожата. Секое парче облека што доаѓа во контакт со телото задржува дел од тој микробиом. Ова значи дека половна облека може да биде „резервоар“ за разни патогени – од стафилококи и стрептококи, до габи како што е кандида и вируси како што е човечкиот папилома вирус (HPV).
И додека тие микроби можеби не се проблем за оригиналниот сопственик, кај новото лице – особено ако има ослабен имунолошки систем – тие можат да предизвикаат инфекции и други здравствени проблеми.

Докажано присуство на патогени
Во едно истражуње спроведено на пазарите во Пакистан, на примероци од облека од втора рака, пронајдени се на примероци на патогени како што се Bacillus subtilis и Staphylococcus aureus – бактерии кои можат да предизвикаат сериозни инфекции на кожата, па дури и на крвта. Откриени се и траги од паразити кои предизвикуваат шуга и дерматитис.
Дополнително, докажано е дека микробите можат да преживеат на ткаенина со месеци. На пример, бактерии како што се Escherichia coli (E. coli), Staphylococcus aureus и Streptococcus pyogenes можат да останат активни на памучна или мешана облека до 90 дена, додека на полиестер можат да преживеат до 200 дена, особено ако влажноста е висока.
Кој е најмногу изложен на ризик?
Според платформата The Conversation, луѓето со нарушен имунитет се изложени на најголем ризик. Ако спаѓате во оваа група, експертите советуваат дополнителна претпазливост кога станува збор за носење облека од втора рака.

Каде се собираат повеќето микроби?
Областите од телото кои се најбогати со микроби – пазувите, гениталниот регион и стапалата – оставаат најголеми траги на облеката. Покрај тоа, остатоците од пот, себум и мртви клетки на кожата ги хранат бактериите и габите кои можат да преживеат во ткаенината долго време. Дополнителен ризик претставуваат трагите од храна, кои често се наоѓаат на гардеробата од втора рака.
Како правилно да се перат употребувани алишта?
Најдобар начин да се ослободите од потенцијалните патогени е перењето на 60°C со квалитетен детергент. Тоа не само што ја отстранува нечистотијата, туку ги уништува и повеќето бактерии, вируси и паразити. Ако ткаенината не може да се пере на висока температура, се препорачува употреба на средства за дезинфекција на алиштата. Дополнително, се препорачува употребуваната облека да се пере одделно од обичните алишта за да се спречи вкрстена контаминација.
Една студија покажа дека потопувањето на облеката во топла вода со антибактериски детергент два до три часа ги елиминира сите присутни паразити. После тоа, парчето може дополнително да се пере во машина.
Дополнителна мерка за заштита – пареа и пегла
Ако сакате дополнителна безбедност, користете пегла на пареа. Топлина од околу 60°C ефикасно ги убива повеќето бактерии, вируси и јајца од паразити – секако, доколку материјалот го дозволува тоа.
Не верувајте слепо на етикетата „перено“
Иако многу продавници тврдат дека ја перат облеката пред да ја изложат, не можете да бидете сигурни во тоа. Најдобро е да ја перете секоја половна облека што ја купувате пред да ја облечете – на крајот на краиштата, ова се препорачува и за нова гардероба.