Сеад Џигал: Во денешно време, опасноста не е дека машините стануваат луѓе, туку дека луѓето забораваат како да бидат луѓе

Живееме во време на длабоки трансформации, каде што вештачката интелигенција (ВИ) сѐ повеќе ги обликува нашите животи – од секојдневните рутини до најсуштинските општествени промени. Но, во оваа дигитална револуција, каде се границите помеѓу човекот и технологијата? Дали луѓето сѐ повеќе забораваат како да бидат луѓе, губејќи ја својата автономија во сенката на алгоритмите? Со Сеад Џигал зборуваме за предизвиците и можностите што ги носи новата ера, за борбата да се зачува хуманоста во време на машинска интелигенција и за улогата на ВИ – како алатка за ослободување или како механизам за контрола.


Трн: Што работиш во моментов што те исполнува најмногу? На што си најмногу горд во твојата кариера досега?

Сеад: Живееме во историски времиња на длабински промени на глобално ниво, време на дигитална револуција, на повидокот на една сосема нова ера. Ме исполнува тоа што ги следам овие процеси одблиску како жив сведок, едукатор и научник. Ме исполнува и тоа што се обидувам на другите да им помогнам подобро да ги разберат овие промени и да го најдат своето вистинско место во овој вмрежен свет.

Горд сум на тоа што  не сум се откажал од своите идеали ниту низ трнливата реалност на транзицијата низ која поминуваше мојата генерација, и до денес останав посветен на барањето на вистината, правдината, хуманоста и етичноста. 

Трн: Кому му го должиш најмногу твојот успех? Дали имаш некој кој те инспирирал или кој стоел зад тебе кога не беше лесно?

Сеад: Секако, пред сѐ тоа е семејството и блиските пријатели, но морам да спомнам дека имав среќа и привилегија да учам од најдобрите. Секое мое достигнување е и нивно достигнување, секој личен успех го споделувам со нив и признавам дека тие ја исцртале во голема мера патеката на мојот професионален развој. Листата на оние кои ме инспирирале е долга, и во секоја фаза сум имал огромна подршка од своето семејство, најблиските пријатели, моите ментори и колеги. 

Трн: Каква неправда или соочување со предрасуди си доживеал во Македонија, и како тоа ти помогна да растеш или да го промениш твојот пристап кон работата и животот?

Сеад:  Македонија, и генерално Балканот, се место каде квалитетот и трудот за жал не се гаранција за успех и напредување во животот и во професијата. Сум поминал низ многу разочарувања, но тие не ме поколебале да се откажам од своите цели, планови и чувството за некоја своја лична мисија во работењето. Една од многу важните лекции била да работам упорно и сам ако треба, а ако некој ме поддржи и ми се придружи дотолку подобро. Мислам дека не треба средината, надворешните услови и другите да ги користиме како изговор да не го вложиме својот дел од работата. 

Трн: Како се гледаш себеси во иднината и дали постои нешто што би сакал да постигнеш, но уште не си го започнал?

Сеад: Работам на редица истражувања и ракописи за книги, се обидувам да ги подобрам и да ги дополнам, свесен дека во некој миг ќе мора да ги заокружам и завршам, иако ќе бидат далеку од некоја моја замисла какви треба да бидат. Се надевам дека ќе успеам да ги завршам и да ги објавам овие материјали и ракописи. Како општество сите би требало лично повеќе да придонесуваме за општото добро, тоа кај нас е многу тешко и обесхрабрувачки поради силната политичка партизација која нѐ гуши насекаде, но тој голем предизвик мора некако да го совладаме. Ако не ги смениме трендовите нѐ очекува сѐ посилна фрагментација и губење на заедништвото. Мора и со личен пример и придонес да ја надминеме културата на себичност во сите сфери од живеењето. Ханс Гадамер вели дека учен човек е оној кој се грижи за заедницата, а неук е оној човек кој не е подготвен да се одрекне од себеси.

Трн: „Прустов прашалник“ во политичките науки – ако мораш да одговориш на овие, што би рекол: За што никогаш не би користел ВИ, а за што со драго срце би го искористил?

Сеад: Во денешно време, опасноста не е дека машините стануваат луѓе, туку дека луѓето забораваат како да бидат луѓе. Исто така, не смееме да дозволиме вештачката интелигенција наместо хумана алатка да биде средство за креирање вештачка реалност во служба на системи за контрола и репресија.

Вештачката интелигенција има огромен потенцијал да ги подобри нашите животи, но како и секоја технологија е подложна на злоупотреби. Исто, степенот на злоупотребливоста е толку поголем колку што таа технологија повеќе навлегува во порите на нашето секојдневно живеење. Тој степен кај ВИ е многу опасен, бидејќи таа веќе сега е длабоко навлезена во когнитивните аспекти на нашето функционирање. Затоа, повеќе би сакал таа да ни помогне во подобрување на квалитетот на нашето живеење во делот на некои репетититвни активности кои одземаат време. На пример, повеќе би сакал ВИ да ми помогне во рутински работи по дома за да имам време да креирам уметност, а не да мијам садови додека гледам како ВИ креира дигитална уметност. Црвената граница за ВИ мислам дека е човековата слобода и природните права на достоинствен живот и избор како да живееме. ВИ не би смеела во никој случај да нѐ зароби во технолошки детерминизам во кој ние не би имале право на избор, на пример да бираме животи и без ВИ. 

Трн: Кога ќе се свртиш наназад, дали има некоја одлука која ја донел и сега се каеш? Што би направил поинаку и зошто?

Сеад: Верувам во тоа дека има некое добро и во нашите грешки и нашата несовршеност. Во таа смисла не се каам многу и разбирам дека веројатно сум морал да направам некои болни грешки за да разберам дека нив никогаш повеќе не смеам да ги направам. Но, длабоко се каам за ненаправените нешта, пропуштените прилики и пригоди. Неправењето и пасивноста се нешто што ни одзема од човечноста и од сопствениот дух. Тука сме за да правиме, твориме, да се бориме да ги менуваме нештата на подобро. Правењето е еманација на нашата слобода. 

Трн: Невладината организација за ВИ на која си дел од основачкиот одбор – какви се основните цели и предизвици со кои се соочуваш во работењето на таков проект во контекст на Македонија и глобалната политичка сцена?

Сеад: Пред некое време бев пред шалтер и додека чекав да бидам услужен државниот службеник разговараше цело време на мобилен телефон. По некое време сфатив дека всушност чекам бидејќи тој им завршуваше работа на пријатели, така преку телефон, додека јас физички чекам и мрзнам за да бидам услужен. Разочарувачки за мене беше што ете себичната употреба на технологијата далеку ги надминува нејзините позитивни и полезни намени. Во овој дел би сакал да направиме промена, да го ослободиме обичниот човек преку ВИ од стегите на системот и на експлоатацијата. 

Трн: Се чини дека ВИ може да ги обликува идните политички кампањи и избори. Како гледаш на ова? Може ли тоа да го промени начинот на кој луѓето ја гледаат политиката и да ја направи понема и поефикасна, или ќе води кон поголеми нерамноправности?

Сеад: Во современи услови политиката всушност се сведува на односи со јавност, а надвор од неа се одвива само жесток и суров процес на акумулација на капитал и моќ. Медиумите се ставени во погон да креираат вештачка реалност која е употреблива и корисна за оние кои ја креираат таквата искривена реалност. ВИ има потенцијал да го разбие тој процес во кој само богатите и моќните имаат ресурси и можност да ја креираат „реалноста“. Помали групи, активни и кои придонесуваат кон јавниот интерес, преку ВИ ќе можат да даваат отпор кон користењето на технологијата за контрола и заробување на нашите сетила и умови. 

Трн: Доколку можеш да ја промениш една работа во Македонија што се однесува на правата на граѓаните или развојот на земјата, што би било тоа и како ВИ може да помогне?

Сеад: Корупцијата, се разбира.Поради корупција се распаѓале милениумски империи кои ги обликувале тековите на човековата цивилизација. Ова неколкудецениско грчење на балканските држави да профитираат и да кохабитираат со масовна и системска корупција води само кон едно нешто, понижувачко исчезнување, не само на државите, туку и на нас како народи. ВИ може да се искористи за ослабување, да се надеваме и за искоренување, на корупцијата од многу сфери на нашето живеење. 

Трн: Во твоето искуство, како политички научник, дали политичката сцена во Македонија, во своето современо лице, нуди вистински простор за младите да се изразат и да донесат промени? Или се соочуваат со ограничувања кои ги ставаат на маргините?

Сеад: Ова е веројатно една од најболните теми од нашата реалност. Младите со своето заминување од земјата и плановите за иднина, кои им се речиси секогаш поврзани со други земји  е единствениот можен одговор на ова прашање. Им ги препуштивме државите на различни мафии кои ги окупираат сите сфери од нашето живеење и ги контролираат сите ресурси на системот. Тие го шират својот систем на вредности и однесување низ целото општество. Тоа се понизност, послушност, владеење со страв, гушење на индивидуалноста, идолатријата кон шефовите на мафиите, и така натаму. Вистината е опасна за нивните интереси и профит, затоа мора да се шират лаги, дезинформации и конфузија и да живеете во реалноста креирана од оние кои ви даваат корка леб. Не функционираме како слободни поединци, тоа го има само на хартија и како недостижен идеал. Младите ја чувствуваат таа неслобода и понижување од системот, така што бираат заминување.  

Трн: Омилена книга која ти дала правец во животот, која ти ја обликувала животната философија?

Сеад: Долга е листата, и ако мора да одберам тоа се веројатно целокушните колекции на делата на Умберто Еко и Иван Чоловиќ. Тие навистина постојано ме инспирирале како да го разбирам и да го следам светот, но и како да дадам свој придонес тој да биде подобар. Од класиците веројатно најголемо влијание врз мене имале Достоевски и Кундера преку нивните неповторливи нарации за тоа што е навистина човекот.



Трн: Што сметаш за најсвето?

Сеад: Човековата слобода. Додека таа опстојува и додека можема да ја живееме постои надеж за сите нас. Ако технологијата нѐ зароби и ние работиме за неа, а не таа за нас, тоа би било тажен крај на нашата приказна како цивилизација. 

Трн: Музика која можеш да ја слушаш секој ден и никогаш да не ти стане досадна?

Сеад: Релаксирачка инструментална и медитативна музика никогаш не ми здосадува. Речиси постојано ја слушам додека работам и читам.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни