Секоја година, речиси 1,2 милиони луѓе ги губат животите во сообраќајни несреќи, а уште 50 милиони се тешко повредени. Над една четвртина од сите смртни случаи се однесуваат токму на пешаци и велосипедисти, а во европскиот регион, бројот на загинати велосипедисти е зголемен за 50%.
Само 0,2% од патиштата во светот имаат велосипедски патеки, а многу заедници немаат ниту основна инфраструктура за безбедност – како тротоари или пешачки премини.
Овие алармантни податоци беа истакнати на 8. Глобална недела за безбедност на патиштата на Обединетите нации, која започна во понеделник и трае до 18 мај.
Придобивки, но и ризици
„Пешачењето и возењето велосипед помагаат во намалување на ризикот од срцеви заболувања, дијабетес и рак – водечки причини за предвремена смрт“, објаснува д-р Круг.
Освен за здравјето, овие природни облици на движење ја намалуваат загаденоста на воздухот, ги олеснуваат сообраќајните гужви и придонесуваат во борбата против климатските промени.
Но, за да можат луѓето да ги користат овие начини на транспорт, тие најпрво мора да бидат безбедни. Затоа СЗО повикува на итна акција и објавува нов пакет на политики и алатки за да го поттикне тоа.
Под мотото „Направете го пешачењето и возењето велосипед безбедно“, СЗО ја лансираше иницијативата:
„Промоција на пешачење и возење велосипед: пакет на политики и опции“.
Се работи за конкретни насоки и интервенции кои можат да ги применат сите засегнати страни:
влади, урбани планери, меѓународни агенции, здравствени работници, компании и училишта.
Пакетот содржи и студии на случај со примери од светот каде што ваквите политики веќе дале резултати.
Загрижувачки бројки
- Пешаците и велосипедистите сочинуваат 26% од сите загинати во сообраќајот.
- Над 80% од патиштата не ги исполнуваат стандардите за безбедност на пешаците.
- Помалку од 1% од патиштата имаат велосипедски патеки.
Меѓу 2011 и 2021 година:
- Во Југоисточна Азија, бројот на загинати пешаци е зголемен за 42%.
- Во Европа, бројот на загинати велосипедисти е зголемен за 50%.
- Во Западен Пацифик, бројот на загинати велосипедисти е зголемен за алармантни 88%.
Што препорачува СЗО?
Во документот се идентификувани седум клучни области за итно делување. Меѓу препораките се:
- Интегрирање на пешачењето и велосипедизмот во сите релевантни јавни политики;
- Инвестирање во безбедни и поврзани пешачки и велосипедски мрежи;
- Поставување јасни стандарди за улична инфраструктура (тротоари, премини, велосипедски патеки);
- Намалување на дозволените брзини на моторни возила;
- Организирање кампањи за подигање на јавната свест за активна и безбедна мобилност.
Пешачењето и возењето велосипед мора да станат најобични – и најбезбедни начини на движење.
Лидерите треба да дадат приоритет на безбедноста на пешаците и велосипедистите, не само за да се спасат животи, туку и заради придобивките:
подобро здравје, почист воздух, помалку сообраќаен метеж и економски заштеди.
Многу држави веќе ги преземаат првите чекори, но повикот е јасен – мора да се инвестира во решенија кои ќе им овозможат на луѓето да се движат здраво, одржливо и безбедно.
Извор: forbes.n1info.rs