Македонската редакција на Радио Слободна Европа ќе престане со работа на 31 март, со што се затвора еден од најпрепознатливите извори на независно новинарство во земјава. Одлуката доаѓа во контекст на глобални буџетски ограничувања и реорганизација на ресурсите во рамки на медиумската мрежа.
Информацијата ја соопшти претседателот и извршен директор на Радио Слободна Европа, Стивен Капус, кој истакна дека затворањето на македонскиот сервис, како и паштунската служба Радио Машал, претставува последица на финансиски притисоци и потреба од прераспределба на средствата.
„Затворањето на овие сервиси е загуба за публиката што ја опслужуваат. Но, сегашната буџетска состојба нè принудува да ги приоритизираме ресурсите. Оваа одлука е донесена со благодарност за работата на тимовите и за стандардот што го одржуваа“, наведе Капус.
Покрај македонската редакција, ќе бидат затворени и други сервиси во рамки на Радио Слободна Европа/Радио Либерти, како дел од поширокиот процес на намалување на трошоците и реорганизација на работењето.
Иако затворањето се најавуваше и претходно, дел од јавноста очекуваше дека ќе се најде решение за продолжување на финансирањето на македонскиот сервис. Сепак, последната одлука значи дефинитивен крај на неговото функционирање.
Македонската редакција на Радио Слободна Европа важеше за професионален и кредибилен медиум, чии содржини беа препознаени по новинарски стандарди и аналитички пристап. Затворањето доаѓа во период кога независните медиуми во земјава се соочуваат со бројни предизвици, вклучително и финансиска одржливост.
Радио Слободна Европа е медиум финансиран од Конгресот на Соединетите Американски Држави, основан во 1950 година со цел емитување кон комунистичкиот блок за време на Студената војна. Со децении, неговите сервиси играа значајна улога во информирањето на јавноста во Централна и Источна Европа.
Одлуката за затворање се поврзува и со претходни политички и административни потези во САД, вклучително и суспендирање на дел од финансирањето на медиумските агенции, што дополнително влијаеше врз работењето на меѓународните сервиси.
Со ова, македонската медиумска сцена останува без уште еден препознатлив меѓународен глас, во момент кога прашањата за медиумски плурализам и независност се сè понагласени.