Најмалку 20 лица загинаа во пожар што избувна во автобус во индиската сојузна држава Раџастан, јавуваат локалните медиуми.
Возилото превезувало повеќе од 50 патници на релација меѓу градовите Џајсалмер и Џодпур. „Деветнаесет лица загинаа на самото место, а уште едно лице почина на пат кон болницата во Џодпур“, соопштија од локалната полиција.
Според индиската новинска агенција Press Trust of India, пожарот започнал во задниот дел од автобусот и брзо се проширил. „Патниците немаа време да излезат“, изјави локалниот пратеник Махант Пратaп Пури за агенцијата Associated Press. Најмалку 15 други патници се во критична состојба.
Индија со една од најлошите статистики за безбедност на патиштата
Индискиот премиер Нарендра Моди изјави дека е „длабоко потресен од загубата на човечки животи“ и најави обесштетување од 200.000 рупии (околу 1.940 евра) за семејствата на загинатите.
Инаку, Индија, најнаселената земја во светот, е позната по ниската безбедност на патиштата. Според најновите достапни податоци, во 2023 година во земјата се регистрирани над 480.000 сообраќајни несреќи, при што загинале речиси 173.000 луѓе, а над 463.000 се повредени.