Дваесет и двегодишен пациент кој беше повреден во пожарот во дискотеката во Кочани, а кој се лекуваше во Атина, вечерва се врати во државава. Вечерва се очекува во земјава да пристигнат и четворица пациенти од Шпанија.
Министерот за здравство Арбен Таравари, кој заедно со министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски го пречекаа пациентот на Скопскиот аеродром, изрази надеж дека по 24-часовен престој, откако ќе бидат направени токсиколошките испитувања, Ангел ќе биде пуштен на домашно лекување.
За четворицата пациенти кои се лекуваат во странство и се во критична состојба, министерот информираше дека кај нив нема промени.
Министерот за надворешни работи најави дека и во текот на утрешниот ден се очекува враќање на дел од пациентите кои се лекуваат во странство.
– Продолжуваме со тековна комуникација со здравствените власти во државите каде што се сместени овие пациенти. Нашите дипломатско-конзуларни претставништва се постојано во комуникација и со семејствата, нагласи Муцунски во изјава за медиуми.