Сега, американски стартап најавува можност за враќање на социјална мрежа со истото име, но без каква било поврзаност со Маск и неговата компанија.
По преземањето на Твитер за 44 милијарди долари, Маск воведе низа промени кои предизвикаа незадоволство кај дел од корисниците. Иако во изминатиот период се појавија повеќе нови платформи кои се обидоа да ги привлечат разочараните корисници, ниту една не успеа сериозно да ја загрози доминацијата на X.
Со ребрендирањето во X, името Твитер постепено беше тргнато во втор план, иако голем дел од корисниците и понатаму ја нарекуваат платформата со старото име.
„Operation Bluebird“
Американскиот стартап „Operation Bluebird“ покрена петиција до Американскиот завод за патенти и трговски марки (USPTO), со која бара дозвола да го преземе, како што наведуваат, „напуштениот“ заштитен знак Твитер. Во петицијата се наведува дека брендовите „Twitter“ и „Tweet“ се отстранети од производите, услугите и маркетингот на компанијата X, што, според нив, значи дека оригиналниот бренд е фактички напуштен.
Како аргумент се наведува и јавната изјава на Маск пред ребрендирањето, кога тој напиша дека се простува од брендот Твитер и постепено од „сите птици“.
Веќе се резервираат кориснички имиња
Во пресрет на евентуална позитивна одлука, „Operation Bluebird“ веќе ја купи домената twitter.new, преку која заинтересираните корисници можат однапред да резервираат кориснички имиња за потенцијалното лансирање на новата платформа.
Иако логото и името повеќе не се користат, компанијата X сè уште ги поседува правата на доменот Twitter.com, кој автоматски ги пренасочува корисниците кон X.com. Во меѓувреме, дел од функциите поврзани со стариот бренд исто така беа преименувани – така, програмата „Birdwatch“ сега е позната како „Community Notes“.
Илон Маск има рок до февруари следната година да одговори на петицијата. Тогаш ќе стане појасно дали целосно ќе се откаже од правата на брендот Твитер и ќе овозможи појава на нова, конкурентска социјална мрежа – или ќе го задржи името под своја контрола.
Извор: Zimo.dnevnik.hr
