Се уште чади електронскиот отпад кај Трубарево, дел од населението евакуирано

„Нема активно горење но има силно чадење кое се пробива низ земјата и песокот од затрупаните места“, вели Ангелов

Пожарот во компанијата за електронски отпад во Трубарево е под целосна контрола, информира утрово директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.

„Нема активно горење но има силно чадење кое се пробива низ земјата и песокот од затрупаните места. Преостанува да се дозатрупа уште дел од опожарената површина“, вели Ангелов.

Ангелов додава и дека благодарение на „храбрата, брза и пожртвувана интевенција на скопските пожарникари, како и на целокупната одлично организирана акција за гасење на пожарот, четири објекти на локацијата биле спасени“ иако, како што рече, се наоѓаат директно до опожарените објекти на компанијата „Ф“.

Препорака за евакуација

Доцна синоќа на вонредна прес-конференција министерот за внатрешни работи рече дека нема опасност по здравјето на граѓаните но сепак дека е постапено со евакуација на жителите од околните улици.

„Констатирано е дека во непосредна близина на пожарот има висока концентрација на штетни супстанци. На околу 200 метри од центарот на пожарот загаденоста е ниска, додека мерењата од оваа специјализирана единица на Министерството за одбрана, на 400 метри од изворот на пожарот не е евидентираа присуство на загадување“, изјави Тошковски.

Складираните батерии, особено литиум јонските, како и разни метали и хемикалии, создаваат екстремно високи температури при согорувањето и го прават гаснењето исклучително тешко и ризично. Во гаснењето била применета метода препорачана за ваков вид пожари, односно гасење со ситен песок.

Според информациите од општина Гази Баба на жариштето биле исфрлени 100 камиони песок.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни