Три лица загинаа во хеликоптерска несреќа на рускиот Далечен Исток, во регионот Амур, соопштија денес властите, пренесува Анадолу.
Приватен хеликоптер од типот „Робинсон“, кој исчезна од радарите претходно во текот на денот, е пронајден без преживеани, се наведува во соопштението на владата на регионот Амур.
„Потрагата по хеликоптерот што исчезна во Ромненскиот округ е завршена во Амурската област. За време на операцијата за пребарување и спасување, пронајдени се местото на несреќата и телата на три жртви“, се вели во соопштението.
Претставници на Владата изразија сочувство до семејствата и најблиските на жртвите.
Покрената е истрага за околностите на несреќата.
Причината за несреќата не беше прецизирана. Сепак, Обвинителството за транспорт на Источен Сибир во посебна изјава соопшти дека е утврдено дека хеликоптерот му припаѓал на починатиот пилот, кој немал дозвола за управување со леталото.
Исто така, беше наведено дека хеликоптерот не бил официјално регистриран во согласност со пропишаните процедури.