Се урна авион во Колумбија – загинаа 15 патници, меѓу нив и двајца политичари

Авион на колумбиската компанија Satena се урна во планински регион кај границата со Венецуела. Загинаа сите 15 лица на летот, меѓу кои и двајца политичари.

Авион на колумбиската авиокомпанија „Satena“, со вкупно 15 лица на летот, се урна во планинската област Кататумбо во североисточниот дел на Колумбија, во близина на границата со Венецуела. Според официјалните информации на властите, нема преживеани.

Во авионот се наоѓале 13 патници и двајца членови на екипажот, а меѓу загинатите се и пратеникот на колумбискиот Конгрес Диохенес Кинтеро и Карлос Салседо, кандидат за т.н. „мировна столица“ во Претставничкиот дом.

Леталото исчезнало од радарите додека се приближувало кон својата дестинација во департманот Норте де Сантандер, еден од најкомплексните и најтешко достапни региони во земјата, познат по планинскиот терен и густата вегетација. Веднаш по губењето на контактот биле активирани спасувачки екипи, но потрагата била значително отежната токму поради непристапниот терен.

Авионот од типот „Beechcraft 1900“ полетал од градот Кукута кон аеродромот Агвас Кларас во градот Окања, на редовен регионален лет. Се очекувало да слета околу пладне по локално време, но контактот со контролата на летот бил прекинат само неколку минути пред планираното пристигнување.

Според медиумските извештаи, последниот сигнал од радарот бил регистриран кога авионот се наоѓал на околу 32 километри од аеродромот, на висина од приближно 2.400 метри, во планинската зона меѓу општините Ла Плаја де Белен и Хакари.

Истрагата за причините за несреќата е во тек, а властите најавуваат дополнителни информации по завршување на теренската анализа.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни